Нов пораз на бледиот Е. Пелистер

СКАНДЕРБОРГ - Е. ПЕЛИСТЕР  24-22 (11-11)
Балинг 7, Тејгум 6 - Пешевски 4, Радовиќ 4



Македонскиот вице-првак и во моментов најсериозниот кандидат за следниот шампионски пехар, Еурофарм Пелистер вечерва, по втор пат во Европската лига беше поразен од Скандерборг, во моментов шестопласиран тим во Данска. 

Конечниот епилог 24-22 е најблaгата варијанта на поразот на еден од клубовите што се македонска ракометна перјаница. Скандерборг имаше плус шест 24-18, пред да „престанат“ да играат и да почнат да ја слават победата, а Еурофарм до крајот постигна четири гола и привидно со благ пораз ја заврши средбата. 

Првиот дел беше рамноправен, во добар дел и водеше Е. Пелистер, но тоа главно се должеше на одличната вечер на голманот Урбан Лесјак кој имаше двоцифрен број на интервенции уште во првиот дел. Секако дека кредит за ова оди и кај одбраната, тоа е неминовно, таа е дел од целата приказна.
Но, во вториот дел уште на стартот Е. Пелистер седум минути не постигна гол и отиде во минус четири и тоа е подобрата варијанта затоа што во брзањето Данците пропуштија шанса-две да биде и поубедливо моменталното водство.
Но, потоа се наместија работите на тој начин да Скандерборг контролира се, а Е. Пелистер практично спарингува. Конечно, 24-18, па 24-22 за финиш и поголема самодоверба пред дуелот што мора да го добијат, со фенерџијата Агуаш Санташ во Битола по седум дена. 

Разочарувањето од перформансот на Е. Пелистер не е мало. Не ова ниту првиот меч во новата година што го игра вака и што завршува со пораз. Данскиот тренер на битолскиот состав, Ларс Валтер ги подгреа надежите дека вечерва ќе гледаме поинаков меч од овој што го гледавме. Велеше дека е крената формата на тимот, му поверувавме  и очекувавме поинаков меч. 

Говорејќи за Ларс Валтер ќе додадеме дека неодама тури и сол на раните на македонската репрезентација со изјавата дека го има во составот најдобриот македонски плејмејкер, Марио Танкоски. Со тоа намерно-ненамерно се вклопи со верзијата на настаните дека Македонија на СП не отишла со најсилниот состав.
Но, еве три натпревари по ред не видовме доказ што ќе не убеди дека е така. 
Да не зборуваме дека со тим полн странци играше против шестопласиран тим во Данска, а не против врвните играчи на Норвешка или Холандија на пример. 

Не би да одиме во правец да го напаѓаме Валтер или Е. Пелистер, ама вечерашниот меч само го зацврсти нашиот став дека македонскиот ракомет генерално и клупски и репрезентативно не котира високо како што се замислува.
Тоа е поради комплетно подмладување, тоа е поради суспензија на шампионот од ЕХФ поради неисплатени долгови и тоа е според комплетно сменет играчки ростер на странски засилувања, во моментов. Ова се трите веруваме летитимни причини на кои веднаш се сетивме. 
Тоа се површинските рани што веруваме со време ќе закрепнат. Веруваме и дека наскоро и Е. Пелистер ќе игра подобро, иако очекувањата од нив во Европската лига нема да бидат големи, а ако успеат да нѐ израдуваат и направат резултатски забележителен успех би било супер.
Вистинските проблеми во клупскиот и како огледало репрезентативниот ракомет се подлабоки и во овој поглед на сме големи оптимисти. 



 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk