Бордот менаџери и надзор на полскиот шампион Келце вчера ја одржа долгоочекувата средба на која се решаваше иднината на клубот.
Нема добри вести за фановите на Келце. Но, не се ниту аопокалиптични. Келце ќе ја доигра сезоната во Лигата на шампионите и во домашното првенство, во „најсилниот можен играчки состав“. Тоа е добрата вест. Лошата е што агонијата продолжува. Што понатаму и како ќе изгледа клубот откако ќе заврши сезоната ќе се знае во март, кон крајот на март.
Уште два месеца неизвесност за играчите, публиката, а и за нивните ривали кои со години чекаат на шампионска титула.
Што ќе се случи со играчите? Ако Келце редовно ги плаќа, тогаш немаат основ да бараат раскин на договорот. Прашањето е дали формулираниот израз „најсилниот можен играчки состав“ се однесува на моментот најсилниот можен играчки состав што клубот може да си го дозволи.
Сите играчи на Келце имаат понуди, некои и по повеќе, некои од звучни имиња каква што е Барса на пример, други од ПСЖ... Тоа се понуди што не се одбиваат, особено кога иднината на клубот е несигурна.
Имаме искуство, видовме како се разбегаа сите што имаа понуда од Вардар кога бродот почна да тоне. Како ќе биде во Полска, ќе видиме, на крајот имаат поинакви аргументи во преговорите.
Да потсетиме, според полската телевизија, Алекс, Талант и Даниел Душебаев иако имаат повеќе понуди се најблиску до трансфер во ПИК Сегед. Дилан Наи, исто така е најблиску до Сегед.
Недим Ремили има отовена врата да се врати во Пари Сен Жермен. Аркадиуш Морито и Артјом Каралек наводно би заминале за Барса, Андреас Волф би го засилил Веспрем.