По повеќе од девет години или по 13 победи по ред Вардар е поразен од Татран Прешов.
ТАТРАН ПРЕШОВ - ВАРДАР 27-23 (14-11)

Неочекувано и многу разочарувачки, Вардар кој беше синоним за победи во СЕХА, особено кога станува збор за дуелите со Татран Прешов, денеска потфрли и беше поразен од словачкиот шампион кој секоја година има се послаб играчки кадар и следствено амбиции.
Ова беше првиот натпревар на Вардар во 2023 на кој беа промовирани и дел од новите играчи, но кои за жал не успеаја да ја почнат кариерата во Вардар со победа.
Вардар без Дејан Манасков и Дарко Ѓукиќ во тимот, но со засилувањата Леонардо Дутра, Велко Маркоски и Михаил Аларов беше фаворит на овој натпревар, но словачкиот тим не изгледаше како аутсајдер.
Напротив, ветеранот, 35 годишниот Оливер Рабек беше незадржлив за црвено-црните и со 10 постигнати гола беше и најефикасниот играч на мечот.
Резултатски, Татран поведе 2-0, следеше серија од 6-1 за Вардар по која нашиот првак изгледаше како да има сѐ под контрола, но не беше така. Со серија од 5-0, Татран се врати во водство. Со два до три гола позитива, Татран го одведе мечот со полувреме (13-11).
Не видовме особена борба и жештина во играта на Вардар и во второто полувреме. Татран имаше на моменти два, на моменти четири гола предност и комплетно ги контролираше настаните на теренот. Филип Талески беше единствениот што го одржуваше тимот во игра, но освен во еден момент на минута и пол до крајот кога Вардар намали на еден (23-24), Словаците воопшто не беа во опасност. А и по таа минимална негатива следеше серија од 3-0 за Татран за конечни 27-23.