Петар Атанасијевиќ, младиот ракометар на Еурофарм Пелистер 2, на тековното Светско првенство беше селектиран за настап како дебитант и ја оправда довербата. Сега добива унапредување и во клубот.
Петар Атанасијевиќ, младиот македонски репрезентативец по успешниот индивидуален настап на Светското првенство во Полска, доби унапредување, односно прекомандуван е од вториот тим на Еурофарм Пелистер, во првиот.
Претходно и неговиот брат близнак Павле Атанасијевиќ потпиша обновување на договорот со Е. Пелистер, па така браќата одново ќе играат во иста екипа.
Петар Анатасијевиќ игра главно на позицијата лево крило, а на мундијалот поголема шанса и минутажа доби во Президент Куп каде што селекторот Лазаров на последните натпревари не го користеше својот најпознат играч, Дејан Манасков. Петар одигра одлично, имаше и можеби клучна улога на мечот со Кореја каде едно по друго изнуди три пенали и две исклучувања.
Петар се сели во првиот тим на барање на тренерот Ларс Валтер кој очигледно е задоволен од тоа што го виде, па по две и пол години минати во Е. Пелистер 2, Петар ќе добие шанса и во првиот тим.
Таму конкуренција, односно соиграчи со кои ќе ја дели минутажата ќе му бидат Цветан Кузманоски и Гоце Ојлески.