Шпанија е во аут, Данска е во финале

ДАНСКА - ШПАНИЈА  26-23 (15-10)



Данска е првиот финалист на Светското првенство што се игра во Полска и Шведска, а Шпанија е првата екипа за која е закажан дуел за бронзен медал.

Николај Јакобсен, селекторот на Данска го направи исклучително интересен овој меч со тоа што на клупата останаа Лауге и Менса Ларсен, а речиси цел меч играше во напад Симон Питлик. Ова момче, син на екс тренерот на Вардар, Јан Питлик, беше на Кадетското СП во Скопје во 2019. И тогаш не одигра ништо посебно, имаше дузина подобри играчи од него... Но, четири години подоцна, ето го Симон Питлик во првата постава како ја води Данска рамо до рамо со Микел Хансен и не многу повозрасниот Матијас Гидсел.

Данска поведе со 9-5, 11-7, но Шпанија се врати во игра, намали на еден гол, 10-11, пред да почне новата данска офанзива за водство од 15-10 на полувреме. 

Данска контролираше сѐ на теренот до 40 минута (20-15), а потоа шпанската одбрана, Душебаев и Кањељас со серија од 4-0, стигна до 19-20. Имаше Шпанија и напад за нерешено, но не го искористи и Данска се одлепи на 25-20.
Јакобсен овде одново ја направи интересна средбата со игра 7 на 6. Гонзало Варгас влезе во ритам, Шпанија постигна три гола по ред, намали на 23-25, а кога Варгас му одбрани пенал на Микел Хансен на минута и пол до крајот, доби шанса и да намали на еден гол. Имаа пенал и Шпанците, но Никлас Ландин беше на ниво на Варгас и го одбрани пеналот на Феран Соле за крај на надежите на Шпанците за ново чудо.

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk