Митревски: Некогаш победуваш, некогаш учиш...

Настапот на машката репрезентација на Македонија на 28 Светско првенство заврши со пласман на 27 место и со победа над Јужна Кореја. 
Јужна Кореја не е ракометен гигант, напротив е многу слична на Македонија, особено сега. Кореја не е гигант, но не е ниту ракометна нација за потсмев и потценување, иако овде ракометните фанови генерално се потсмеваат на победата над Кореја.
Тие се многу слични на Македонија, на СП настапиле 13 пати со најголем успех - пласман на осмо место. Четири пати Кореец бил најдобар стрелец на Светско првенство. Најдобриот стрелец во историјата на Бундес лигата е Кореец. Имаат учествувано на шест Олимпијади и освоено сребрен медал на ОИ. На „домашен“ терен, девет пати станале победници на Азиски шампионат и шест пати на Азиски игри.
Јужна Кореја не е ракометен гигант, но со ништо не заслужиле во Македонија да им се потсмеваат на квалитетот. 



Македонскиот тим денеска се враќа назад. Настапот нема да добие „пролазна“. Разочарувањето што не ги победивме Холандија и Аргентина, пресликано со начинот на кој ги одигравме тие два натпревари го расипа до фаза на непоправливост впечатокот. 

Ниту блиската иднина не е розова, следни дуели ни се во квалификациите за ЕП, а двапати ќе играме со Португалија. Го чекаме моментот кога стручната и генерално спортската јавност овде ќе ја состави својата мундијалски надградена ранг листа, ќе ја искомбинира со својата листа на желби и ќе дојде до неизбежниот заклучок дека мораме да ги победиме (барем дома) а сѐ друго е рамно на катастрофа, затоа што ниту Португалија не е ракометен гигант. 

Позитивата на денот, пак ни доаѓа од статусот на капитенот на македонската репрезентација, Никола Митревски.
„Некогаш победуваш, некогаш учиш. Најважно е секогаш да гледаш напред“. 


 


 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk