Европскиот шампион ќе брка злато и од СП, на домашен терен, но без најдобриот играч.
Заврши мундијалот за можеби најдобриот светски играч во моментов, Јим Готфридсон од Шведска. По освојувањето на европското злато во 2022, цел стана светското и тоа на домашен терен. Шведска стигна до полуфиналето, но за најважните два натпревари го загуби најдобриот играч.
Јим Готфридсон се повреди на 1/4 финалниот меч со Египет. Дислокација на прст на нешутерската рака проследено со фрактура и неминовна операција која ќе го оддалечи од теренот околу два месеца се првите прогнози.
„Болеше и покрај тоа што имав многу адреналин во телото. Кога натпреварот заврши се чувстував како некој да ја спуштил завесата. Имаше некоја солза, спиев час, час и пол... Не го напуштам тимот. Ќе бидам или на клупата или на трибините. Цел живот се подготвував за ова, долго време сум со момците и ќе останам во салата до крај.
Во меѓувреме со клубот договораме опција за хируршка интервенција, веројатно два месеци нема да можам да играм“, изјави Готфридсон за шведските медиуми.