МАКЕДОНИЈА - ТУНИС 27-33 (14-16)
Македонија е поразена во второто коло од групата од Тунис и во најдобар случај ќе игра за 27 место на тековниот мундијал.
Денеска се играше прилично израмнет натпревар, со тоа што слабостите на нашиот тим, инертноста да се најде решение во моментот, да се адаптира и смени играта си кумуваа на конечниот резултат.
Мечот го почнавме со пасивен напад, со лошо додавање меѓу Талески и Кузмановски, па со промашувања на Пешевски и Георгиевски од чисти позиции и за тоа време Тунис ни поведе 5-0.
Потоа се израмнија силите, се воспостави рамнотежа, намаливме два од негативата, но немавме решенија во одбраната против Дармул и нивните линиски играчи. Тунис е физички посилна екипа и ги добиваше дуелите еден на еден или наоѓаше простор за пас до пикерот, додека на спротивната страна дуелите еден на еден не минуваа.
На полувреме беше 14-16, а во вториот дел, успеавме да израмниме, дури и да поведеме и водиме со гол разлика еден период (последно 21-20), а потоа место да фатиме ритам и да го зголемиме водството следеше серија од 4-0 за Тунис и македонскиот тим одново беше во минус од три гола. Во целиот овој период Никола Митревски имаше одлични моменти, Филип Кузмановски исто така.
Немаше нов кам бек, напротив, во клучните моменти одново следеа грешки што Тунис ги казни и победи со 33-27. Следниот меч го играме со Мароко, во понеделник.