Коментар: Синдром на (само)уништување

Македонија има талентирана репрезентација, но Кирил Лазаров нема да има една работа - трпението на јавноста“, изјави поранешниот селектор на Македонија, Драган Ѓукиќ за нашиот портал пред почетокот на СП. 


     
Пишува Ричи Ѓамовски, главен уредник на g-sport.mk

Македонија на СП замина со нереална слика дека оваа екипа во која ги нема Лазаров, Стоилов и Миркуловски, со осум дебитанти и желба да игра скандинавски, може да се носи со вистинските скандинавци и оние што се поблиску, а и побрзи од нив.
Одбрана што не се движи и остава дупки е реална слика. Напад што исто така не се движи и така статичен има проблем и во обично додавање е исто така реалност. Немоќта поголема како што стануваа се погласни извиците од трибините, блокадата се посилна... Тоа е нашата реалност. Реалност е дека не сме на ниво со Норвешка и Холандија. Реалност е и дека беше наметнато мислење дека сме. Аргентина е последната пилула, по лавината што се истури врз играчите, враќање назад, тешко. Дури и да ја игравме првата средба на првенството со нив веројатно ќе загубевме, а вака последната растргнати на сите страни, не. 
Наша реалност е и мечот со Алжир. Во моментов, тука ни е местото. Тој е патот по кој треба да одиме уште долго пред да дојдеме на ниво да очекуваме победа над екипи што во своите редови имаат мајсторишта како Стеинс, Симонет и Сагосен. 

И пред СП барав издражана со факти анализа, особено меѓу сегашните аналитичари и критичари и симпатизери зошто сметаат дека ние со овој, а и кој било во моментов состав би можеле да победиме некој од оваа тројка? Таква анализа на најдов. 
Нашиот табор во најавите за победа, го разбирам - Ако не мислиме некого да победиме, зошто и да одиме? Таква беше една од првите изјави. 

Би требало да кажам и дека ги разбирам навивачите што пцуеја и плукаа и се тепаа на трибините во Краков, затоа што ете биле понижени и разочарани. Ама не ги разбирам. Или ги разбирам, ама не ги прифаќам тие плуканици, гребаници и цел репертоар на пцости од кои ќе ви се згади како оправдување за слабата игра на теренот.
Фалангата сите со полна уста секогаш ја фалиме, ја сликаме, ја славиме, посебно таа од дијаспората. Ама и Фалангата треба да покаже поголема почит кон играчите. Веќе десет години оваа репрезентација ги спојува во едно од сите краишта, поради нив се дружат кој од каде дојден и јануари им го претвора во посебен месец.  Имам и една порака за нив, букирајте билети за Германија 2024, затоа што потоа, јануари веројатно ќе ви биде резервиран за скијање. И тоа го гледам како реалност. 

Целата оваа лавина што се сруши врз тимот е воглавно спонтана, но не е сѐ комплетно спонтано. Постои група што сака да се нарече критична која систематски го подрива, поткопува веќе со години тоа што во ракометот се работи кај нас водејќи лични војни и наметнувајќи го своето мислење како исправно.
Таа група не е голема, тоа е мала група. Нејзиното постоење или функционирање дури и не го гледам како којзнае каква негативност, не се тие ниту проблемот, а ниту ќе бидат решение на проблемот дури и да ги остварат своите крајни амбиции, а тоа не е само смена на селекторот. 

Па што е тогаш проблемот поради кој македонскиот ракомет се најде во ваква ситуација? Тоа е немањето на квалитетни играчи веднаш по заминувањето на Стоилов, Миркуловски и Лазаров да бидат заменети со други на нивното место, а нивото да остане исто.
Такви немаме, направивме голем успех што со нивна помош стигнавме до Краков. Сега дојде моментот од една страна да видиме дека не било реално и нормален успех тоа што ги елиминиравме Романија и Чешка. Да треба сега одново да играме со нив, веројатно уште овој јануари ќе почнеше скијачка сезона за фалангата.

Еден мој колега, пред некое време напиша: Време е да ги рашират крилјата и да полетаат... Првиот лет надвор од гнездото заврши со директен судир со земјата, реалноста, фалангата и Фејсбук. Со расперушени перја сега ќе летаат на југ кон Алжир, Мароко и Тунис со надеж дека ќе закрепнат до март и ќе се вратат посилни за дуелите со Португалија. 

Проблемот во македонскиот ракомет што директно се одразува на репрезентацијата со години е табу тема. Време е да ја отвориме Пандорината кутија. 

Отпорот кон сѐ  што е ново, прогресивно или пак ја нарушува комфорната зона во која живеат заштитените со ваучер и закон клубови е големиот проблем. Нивниот одговор е напад преку сите социјални и несоцијални медиуми, закани, телефони... кога некој ќе почне нешто тие се фрлената котва, бекот што те влече за дрес назад, алтер егото на добрата идеја за која вреди да се работи...

Сѐ што се истакнува мора веднаш да се уништи. Додека не пораснало.

Дозволете да ве воведам во еден од најголемите проблеми за македонскиот ракомет за кој не се зборува.

Погледнете го списокот на репрзентацијата. 
Мартин Томовски, Дејан Манасков, Филип Талески, Мартин Серафимов, Гоце Георгиевски, Жарко Пешевски, Томислав Јагуриновски. Да зачиниме малку: Никола Митревски, Филип Кузмановски,  Марио Танкоски, Димитар Димитриоски, Никола Костески, Филип Арсеновски, Милан Лазаревски, Никола Маркоски, Велко Маркоски... 

Дали знаете што е заедничко за сите овие играчи?
Сите се тие приоизвод на РК Металург или минале клучна обука во „Автокоманда“.
А, кога зборуваме за Металург од тоа време, зборуваме и за Лино Червар. Тој беше творец на системот во кој беа вклучени многу луѓе и благодарение на тој систем сега воопшто и имаме репрезентација за која можеме да навиваме... односно да ја плукаме. 
За играта да не зборуваме. Македонија беше првата држава во светот што играше 7 на 6. Ако дозволевме тој тренд да опстане, да влезе во системот сега ќе можевме во нашата игра барем 10 минути или кога е криза да одиграме перфектни 7 на 6. Ама тоа бара едукација, трчање сосема нова тактика, и веднаш беше збришана. Денеска нит знаеме да играме 7 на 6 ниту пак знаеме да се браниме од 7 на 6. А први бевме во свет, први. 

Дали знаете кој беше најомразената ракометна личност во Македонија тогаш?
- Лино Червар. 
Од навивачи, аналитичари, до еминентни тренери. Го нарекуваа фејкер, фолирант, имал голем нос, кепец бил итн. Со години.
Лино Червар е мангуп опериран од слушање глупости до кого не допираше или не покажуваше дека допира толпата со распламтени тастатури, свирежи и познатиот вокабулар... 

Дали знаете зошто никој клуб не жалеше за распадот на Металург ?
- Затоа што од барата си отиде еден голем крокодил. Сега има повеќе за другите, сите сакаа да ги разграбаат неговите играчи. Тие играчи што тој „фејкер“ ги внесе во системот од каде што станаа играчи. Погледнете и денеска како изгледаат клубовите и кои од македонските играчи се носители, чив производ се?

Смеам да прашам? Што правеа и што направија другите клубови што сега кукаат и плачат над судбината на репрезентацијата вклучително со двата великана што се борат за титула? Тие треба да се перјаницата. Кои играчи ги направија за репрезентацијата во последните 10 години? Немојте само да ми кажете Танкоски, Карапалески. Од почит кон нив, тие се потенцијал што можеби, можеби нема да заиграат за репрезентацијата, да не се кријат проблемите зад нивните имиња.
Ако памтам добро двата наши великани се бореа и се борат за поголем број на странци во првенството. Малку им се седум. 

Сакате да чуете како е во клубовите што не се на пример великаните што се борат за титула. Еве денеска прочитав дека во Охрид стигнал и Алжирец. Ако не се лажам тое е 12 странец што продефилира покрај езерото сезонава! Знаете ли на пример кој се главни играчи на Прилеп? Доаѓаат од држава што почнува на буквата Г.
Кој е најдобар стрелец или играч со години во Бутел? Во Куманово? Во Тиквеш? Па дури и во Струга, еден од моите омилени клубови затоа што е нај нај расадник на репрезентативци? Сега таму се одгледуваат црногорски играчи... Ќе го изоставам Тинекс Пролет 62. Освен онаа симпатична авантура со „Гркот“ Ѓуро, оваа екипа доследно работи и се фокусира на македонски играчи. Годинава дури успеаја и да продадат, Аларов и Јагуриновски се првите профитабилни трансфери.

Дали знаете како е во младинските категории?
Знаете ли која е реалноста во младинските категории? Дека „пола“ клубови се закануваа дека ќе се откажат од натпреварување затоа што им се многу натпревари? Сакаа како до лани, во сезона во кадетско-јуниорска да се групи и да имаат вкупно 6 натпревари!  Во држава 200х200км патувањата им се прескапи. Тоа е нашата реалност.


Дали е појасно зошто е сега оваа хајка врз репрезентацијата, Лазаров и РФМ? Ако не е, ќе појасниме. 

Затоа што во малата бара влезе друг голем крокодил. РК Алкалоид. И комфорната зона на македонските ракометни клубови е одново разбиена. Исто како со Лино, овој пат и полошо. Оваа екипа освен што е организирана на повисоко ниво, уште и трча.
Ако тие опстанат, значи ќе заврши комотната ера на играње на ракомет со одење. Ако пак решат да вложат повеќе пари, тогаш и битката за титула добива трет конкурент. 
И веднаш сите се обединија против. Уште како прволигаш сите мечеви му беа дерби, затоа што сите ги гледаа - наопаку. Јасно прво што следи се активирање на социјалните мрежи и загревање на кулоарите. 

Меѓу првите бисери - Претседателот на РФМ имал клуб. Не смее претседателот на РФМ да биде клупски ангажиран. 

Извинете, а претседателот на РФМ Михајло Михајловски, нели беше од Вардар?! А Трифун Костовски и Иван Бојков нели беа од Кометал? А Душко Кадиевски, не беше од Пролет? Пред некој ден бев на промоцијата на нивната книга, тој вели дека бил, не само сега туку отсекогаш. Да зачиниме: Сашо Петковски ќе да беше од Југ, а Минчо Јорданов ако не се лажам од Металург... Значи сите претседатели, сите кандидати за претседатели што ги имал РФМ откако постои Македонија се од клубови. 
Ама тоа било едно, ова е друго... Сериозно? 

Да привршуваме, со фамата дека се фаворизирани играчите на Алкалоид за репрезентацијата, нешто што секојдневно се користи во плукањето по тимот, Лазаров и РФМ. 
Никола Маркоски и Мартин Серафимов беа репрезентативци со настап на СП или ЕП долго пред да постои РК Алкалоид. Младеновиќ своевремено селектиран од Лино Червар, како единствен двометраш во неговата генерација носеше македонски дрес пред да постои Алкалоид. 
Марко Стојковиќ и Игор Ѓоргиев се двајцата играчи кои се калат во Алкалоид како што на времето Червар ги калеше актуелниве играчи. 

Во целата хајка ме плаши дека на крајот ќе излезе и дека реновираната сала во Автокоманда не чини, туку старата била подобра. 

И на крајот на текстов, да видиме што ќе се случи ако еве навистина го смениме Лазаров? 
Ќе дојде некој што знае повеќе ракомет, ги знае повеќе македонските играчи, има под своја команда две екипи во сениорска и пет во младинска категорија, сите селектирани за да се борат за место во репрезентација?! 
Ако дојде нов селектор, 99,99 % ќе го направи следново: 
Ќе ги смени Ѓоргиев, Стојковиќ, можеби Никола Маркоски и ќе ги повика Танкоски, Карапалески, можеби Димитриевски и Димитриоски за да ги удоволи жебите на фејсбук селекторите. И ќе излезе на терен со Норвешка или Холандија и ќе загуби со 15 разлика. Затоа што тоа е нашата реалност. 
Веќе имавме еден таков селектор кој за да удоволи на јавноста ги врати назад во тимот сите што неговиот претходник ги отстрани. 
И кога со полн состав со сите наши ѕвезди загубивме во Кожани од Грција во квалификации, на прашањето каде е проблемот, одговори со прашање: Па кажете вие кој не беше викнат. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk