Данската телевизија ТВ2 денеска објави прилози и текстови со кои набедува ракометни судии за учество во местење на натпревари.
Извештаите ги темелат на досега „таен“ документ од Спортрадар, светски водечка фирма за истражување, експертиза и детекција на местење на натпревари во спортот воопшто.
Според ТВ2, односно според Спортрадар, осум топ европски судиски парови биле под присмотра во период од 2016 до 2018, анализирани се 26 натпревари од Лигата на шампионите, СЕХА и други мечеви од европскиот Топ ракомет.
Од осумте судиски парови, симптоматично, Данците излегоа во јавност само со имиња на две двојки. Први на нивната листа се хрватските арбитри Матија Губица и Борис Милошевиќ, втори се македонските Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Кои се останатите шест парови и од кои земји доаѓаат, кои натпревари и во кои шампионати се сомнителните резултати, ТВ 2 не објавува, туку се фокусира само на овие две двојки.
Истиот медиум денеска објави и втор текст, во кој се посочени и конкретни натпревари. Еден од нив е дуелот меѓу Веспрем и Вардар во СЕХА во декември 2016 што заврши 28-28 (12-12), меч што го судеа Губица и Милошевиќ, истите се практично обвинети и за нерешен резултат на полувреме и за мечот Нант - Динамо Букурешт.
Натпреварите Келце - Веспрем (2017) и Горење - Целје (2017) што ги судеа македонските арбитри исто така се посочени како примери на кои било детктирано сомнително обложување на нерешено.
Настрана примерите, за сите 26 натпревари што биле предмет на анализа, главно се работи за нерешен резултат и тоа најчесто на полувреме.
Со овие два извештаи ТВ2 покрена лавина која евентуално ќе има некаков епилог. Данските новинари се обиделе да изнудат коментар од посочените судиски парови. Добиле демант, негирање за каква било вмешаност, а веројатно ќе треба и да сонсат поголема одговорност за објавените информации, особено ако немаат вистински аргументи.