Македонија со висок, но не и неочекуван пораз го отвори светското првенство во Полска. Подобри од нашиот тим беа ракометарите на Норвешка, предводени од ѕвездите на Кил и Флензбург - Сандер Сагосен и Магнус Род.
По натпреварот, разговаравме со Филип Талески, македонскиот репрезентативец и еден од носителите на играта.
„Во првиот дел бевме рамноправни, дваесетина минути, а потоа во последните десет ни направија голема разлика, од пет-шест гола. Во второто полувреме се одржуваше разликата, ќе намалевме во некои моменти, па повторно ќе ни се повтореше истото. Ова треба да ни биде школа, против Холандија нема да смее вака да одиграме и да грешиме вака.
Ќе анализираме, ова нема да ни ја сруши нашата самодоверба. Ако победевме ќе беше големо изненадување, но не се случи тоа.
Фокусирани сме на тоа што не чека на следните два натпревари. Да преспиеме, да се оладиме од ова денеска и да се подготвиме за Холандија“, изјави Филип Талески.