Човекот наречен Уве и термините за Светско

Пишува: Уве



Уве не сакаше да се меша во „големи работи“, ред е ред и тој тоа секогаш го почитуваше, па затоа никогаш никому не се жалеше на тоа дека големите натпреварувања во ракометот се играа среде зима, кога не им е времето.
Луѓето во „белите“ кошули сигурно знаат зошто е ракометот единствениот колективен спорт кој ја прекинува клупската сезона во полн ек, за да се одржи таа најважната, на националните тимови. Дека СП се игра речиси без или со минимални подготовки на екипите, затоа што кој ги прашува играчите и тренерите што да прават.
Други тоа го знаат подобро од нив и во нивно име и во името на нивните „интереси“. А и да бидеме реално, што знаат за спортот кошарката, одбојката и сличните „новитети“ од игра без голман (види спорт без голман, ма глупости).

Но, на Уве му дојде преку глава. Денеска, навистина сакаше да излезе од своја кожа. 
Само летимичен поглед на термините на вчерашниот прв, а всушност втор ден на Светското првенство го носеше до момент на лудило, а и чекор преку тоа. 

Па како тоа мислат, дека човек кој онака ама баш сака ракомет да следи Светско првенство, ако сите натпревари се во исто време исти ден? Па зар не можеа фино-лепо да почнат барем со еден саат разлика па да може убво ко секој Швеѓанин (добро де, Скандинавец) да ги гледа сите натпревари, а никој да не му смета. И да може на раат да си води статистика затоа што на тие нивните сајтови и така нема статистика, а и кога ја има не е баш точна.
Па кому служат кога и ги нема и не се точни? Се прашуваше во тишината Уве. 

И ќе прифатеше некој друг, таму не знам кој спорт тенис ли баскет ли конкурира и се обиде да ти го украде шоуто со преноси во исто време, ама сам себе да си направиш беља, е тоа Уве никако не можеше да го сфати во самотијата на својот микрокосмос.

Не знам за вас, не знам ни за себе, ама за Уве сум сигурен, тој синоќа од 20:30 си беше со цело срце со Скандинавум Арена, а вие денеска видете дали ќе гледате Македонија - Норвешка, Хрватска - Египет или пак Србија - Алжир. 
Нервоза не ви гине, затоа што сите три сигурно нема да можете да ги гледате!

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk