Оф рекорд од Краков: Сарачевиќ, Аушвиц и шаторските крила

Шаторско крило - Церада со димензии од околу 2х3 метри, дел од војнички шатор со мултинамена, дел од „легандарната“ опрема на ЈНА и дел од многу војнички приказни. 



Златко Сарачевиќ беше играчка легенда која со години уште како дете можев да ја гледам само на телевизија. Годините поминаа, а судбината сакаше и мојот животен пат да се преплеткува со ракомет, па дојде моментот со легендата да се видам и во живо и тоа и во формално и во неформално издание. 

Навистина не паметам дали имав претходни средби со Сарачевиќ пред ЕП Краков 2016, но токму овде се запознавме подобро и сега кога седум години подоцна одново сум во Краков, во негова чест ќе ја посветам втората Оф рекорд приказна. 

Со Златко Сарачевиќ се среќававме редовно на секоја пауза, во зоната за пушење цигари што во Таурон беше на отворено пред вратата на медија влезот. Имаше - немаше, ќе скршевме понекој муабет, особено кога ќе немаше никој друг. Од тоа како е во Македонија, до тоа како е во Хрватска. Од ракомет и политика до рецепти за ајвар, ракија и слично. Неверојатно позитивен човек, со одличен смисол за хумор. 

Вистинската ако може така да ја наречам дружба, ја имавме на историско место, во концентрациониот логор и логор за истребување - Аушвиц и Биркенау. 
Јас бев единствен од македонската тајфа што се пријави за таа екскурзија, не паметам дали имаше и други Хрвати освен Сарачевиќ, ама во малата група тука бевме постојано во близина, постојано нешто мрморевме, кревавме рамења,  баравме место за цигара или коментиравме нешто околу злокобната судбина на над еден милион луѓе.
Едно нешто што на лице место инстантно го сфатив и научив е дека таму не само што не се фотографираш туку и не споделуваш јавно се што си видел и слушнал освен ако не е наменски текст, па затоа во случајов и нема да навлегувам во детали. 
Сеедно, мислам дека тие неколку часа на студот, помуабетивме повеќе отколку цело она време во Таурон арена.

Да се вратиме назад на ракомет. Во 2016, Хрватска во Главна рунда допатува во Краков, заедно со Норвешка и Белорусија, за да вкрсти со Македонија, Полска и Франција. 
Во првото коло, не победија убедливо, со 10 гола разлика, во второто беа убедливо победени со осум гола разлика од Франција и останаа во последното коло да решаваат со домашната Полска.
На Хрватска и требаше победа од девет гола разлика над Полска. 

Ми приоѓа пред натпреварот Сарачевиќ и ми вика:
„Ричи, знаш да ми ове данас можемо да добијемо“... 
- Аха, да, радуј се. А како тоа ќе добиете девет разлика, баш ме интересира? 

„Па види.. Крилата им се шаторски, оној Биелецки, првиот шут му е секогаш (парафразирам) долу лево, вториот горе, вака со едно око е уште повеќе ограничен, може да се контролира и наведе да шутне каде сакаш, оној пикер (Шипжак), па он само уште на вас може да ви забие, оној Јурецки може само да силува, на центар немаат никого, едино оној Лијевски знае ракомет, ама и тој има сили за 15 минути, ако воопшто игра. Едино Шмал да не почне да брани. Ако добро се подготвиме, ќе видиш... 

Од цел респект кон неговата играчка величина, не му контрирав, сепак, да ја победиш Полска дома пред 15.000 гледачи и тоа девет разлика... сигурно. 

Хрватска победи 14 гола разлика. 

По натпреварот, на зборното место пред медија влезот ме дочека - „Ти реков ли?!

Само пружена рака од моја страна, честитка и признание во исто. 

Мундијалот во 2023 е почнат, а со тоа и моментите што во иднина ќе ги споледуваме преку ваквиот тип на приказни ќе бидат од актуелниот шампионат. Се надевам дека ќе има интересни моменти и што да споделиме во оваа неракометно-ракометна зона од Краков. 



 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk