Оф рекорд од Краков: Сеќaвања од ЕП 2016



Краков, ден први. По 1300 и кусур извозени километри (ок, не возев јас) литар испиено кафе, пире од костени и врвна српска скара од мајсторите во Суботица, стигнавме на дестинацијата, Краков, Полска. Во моите 160-170 можеби и повеќе новинарски ракометни известувања од странство, седми пат сум во Полска, а втор пат во Краков по 2016. 

При првата визуелна средба со градот, меморијата автоматски веднаш се вклучуи и почна да ги поврзува настаните од 2016 и сегашноста. А и има што да се памти од тоа ЕП. И ракометно и неракометно.
Неракометно, тогаш имавме најдобра фан зона, имавме и добар шопинг, а го пронајдовме и легендарниот бар „Пијалнија Водки и Пиво“ со студентско ниски цени. Логично тој веднаш беше претворен во збирно место на македонски и подоцна хрватски новинари. Најдовме каде има врвна коленица, го видовме и рудникот за сол Вјеличка и нешто што кога еднаш се гледа, се памти цел живот - Аушвиц. 

Ракометно, хајлајт на целото првенство во 2016, ми е оној гол на Дејан Манасков со Србија. Во последните секунди по што Македонија израмни на 27-27, остана во главна рунда, а Србија се врати дома. Како само тогаш му се удри од глава тактизирањето со чување сили на селекторот Дејан Периќ.
Паметите, не се трошеа многу со Франција си изгубија 10 разлика (ние изгубивме седум) и имаа послаба гол разлика од Македонија. Нам ни го оставија нерешеното за меѓусебниот дуел... Ха, а благодарение на Манасков, заврши нерешено.

Дваесет и некој јануари, меч од Главната рунда во Краков играа Полска и Норвешка. Да биде јасно, Норвешка тогаш не беше тоа што е денеска. Тогаш не беше фаворит ниту во однос на Македонија,  а не пред Полска со Биелецки, Јурецки, Лијевски  и 15.000 гледачи во Таурон. Но, ете ти чудо, победи Норвешка.
Ние требаше да играме со нив следното коло, па онака за најава ги чекав под трибини за изјава.

Македонија не играше тој ден и немаше ни многу македонски новинари во микс зоната по мечот. Додека полските новинари со извадени катани и јатагани ги чекаа пулените на Богдан Вента да се појават, први почнаа да проаѓаат Норвежаните.

Верувам дека се поголеми шансите да видите албино горила, отколку да видите норвешки или особено дански новинар во микс зона на СП, па така Норвежаните, никој не ги ни запираше за изјава. 
Чекајќи да се појави Бјарте Мирхол, Тонесен или Харалд Рајнкинд тогаш играч на РНЛ, се најдов очи во очи со младо момче, кое беше толку среќно и насмеано од уши до уши што едвај можеше да зборува.
Повеќе махинално подигнав раката со диктофон и веднаш застана.
Не се сеќавам до детал што зборувавме, веројатно ја објавив изјавата во тогашен „Македонски Спорт“. Ми остана само впечатокот дека беше онака искрено пресреќен. А беше и многу коректен во изјавата, се заблагодаруваше на соиграчите итн. кои патем кој како помине го тапшаше по рамо и му честиташе.
Завршивме со изјавата, а еден македонски колега со кој разменувавме редовно изјави и кој малку подоцна стигна во микс зоната ме праша:
- Кој беше овој 'петката' што му зема изјава?
- Од новите е, некое дете. Сандер Сагосен. Го утепаа од фалење викаат ќе бил добар“....

Неклку минути подоцна, поминува Бјарте Мирхол, ѕвезда „пар екселанс“ што би рекол еден мој другар, иселеник од Швајцарија. 
Е за него имав спремно прашање. Имајќи потсвесно како се „изгоре“ Србија со чување сили, а и нашето традиционално не стигна уморот, го прашав нешто во стилот:
- Игравте тежок исцрпувачки меч. Се потрошивте ли премногу и дали имате сили истово да го повторите и против Македонија по два дена?

Ме гледа чудно човеков, ми вика, „Не, не те разбрав добро“...
Викам, може не разбира англиски многу добро, а и ја комплицирам, па се обидов вака, поедноставно..

„Дали вашиот умор по овој меч, може да има влијание на мечот со Македонија?
Пак ме гледа чудно...

Пред да почнам и на трет начин да го парафразирам прашањето, ме прекина.
„Разбрав, ама не ми е разбирливо прашањето. Каков умор? Ние сме професионалци, цел живот, секој ден тренираме и се спремаме за ова. И сега кога треба да играме, ако не сме спремни, тогаш не ни е местото овде“. 

Туше, тонч... како сакате. 

Реков дека Норвешка тогаш не беше фаворит во однос на Македонија.  Така и беше на терен, до 47 минута им водевме пет разлика, а на крај заврши нерешено. 
Потоа Норвешка ја победи и Франција и стигна до полуфиналето каде што по продолжетоци беше поразена и благодарение на тој пораз ние отидовме во квалификациите за Олимписки игри. 
За нив, тоа беше почетокот на големиот подем. Годинава, повторно ги мериме силите, па да видиме колку сега се фаворити или не. 

Малку се занесов со оваа прва Оф рекорд колумна од СП. Ќе простите. Денеска на СП, сепак, сме туристи, одиме да провериме дали уште постои Пијалнија водки и пива и дали коленицата е уште врвна... Утре е нов ден, почнуваме ново првенство. 

 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk