Македонската репрезентација ги заврши подготовките за настапот на СП. Одигравме четири контролни меча, победивме на два, а на вкупно 240 минути на терен Кирил Лазаров имаше шанса да испробува, креира, тестира и веруваме да сокрие некоја карта.

Подготовките ги завршивме со победа над Израел на турнир во Хрватска каде што не бевме комплетни, а недостасуваа многу важни алки во нашиот тим како Талески и Митревски.
Видовме доста од тоа што беше најавено, брза игра, транзиција, а од тоа што не го видовме, а секако очекуваме да го видиме е и добра одбрана за транзицијата да го даде вистинскиот придонес.
„Игравме на квалитетен турнир со квалитетни противници. Денеска имаме слободен ден, од понеделник почнуваме да се подготвуваме за конкретни работи за следните два противници на Светското првенство, против Норвешка и Холандија.
Задоволен сум момците, од прикажаното и на натпреварите и на подготовките – комплетно. Одбраната ќе ја поправиме, но треба да се знае дека играме силен ритам 60. минути. Нормално е да се прима и да се даваат повеќе голови, но има голем простор за напредок во нашата дефанзива. Ќе работиме на тоа до почетокот на Светското првенство“, изјави селекторот Лазаров.