Миркуловски: Главен тренер? Ќе видиме

Тренерската кариера на македонскиот интернационалец Филип Миркуловски доби неочекуван пресврт. 
Во сезоната во која Вецлар слави 25 години непрекинато играње во Бундес лигата, резултатите на клубот не беа според очекувањата. 



Бен Мацке ја поведе екипата во новата сезона и по 13 кола имаше скор од 3 победи, 1 нерешен меч и 10 порази. Вецлар на табелата со седумте освоени бода беше само еден бод над зоната за испаѓање во која традиционално се наоѓа Минден со шест и би рекле веќе отпишаниот Хам со само два бода. 

Бен Мацке доби отказ, а неговото место го заземаа првиот асистент Филип Миркуловски и спортскиот директор Јасмин Чамџиќ. 
Со ваквиот развој на настаните, Филип Миркуловски стана првиот Македонец тренер на екипа од елитната Бундес лига. Клубот најави дека ќе бара нов тренер, но и дека нема да брза со одлуката. Миркуловски има шанса од привремено да стане трајно решение, но тоа е навистина крупен чекор и ќе видиме што ќе се случува.
На дебито на Миркуловски како прв тренер, против Хановер на гостин, Вецлар запиша победа 26-23 и сега со девет бода се искачи три места погоре на табелата. За мирна сезона треба да продолжи да победува. Тоа нема да биде едноставна мисија, во следното коло играат со Кил. 

„Никој не очекуваше да имаме ваков почеток на сезоната, особено годинава кога клубот прославува 25 години играње во Бундес лига“, изјави за g-sport.mk Миркуловски.
„Чувството е одлично, а победата над Хановер беше многу важна за сите во клубот“. 

Шансите да остане прв тренер, сепак, не се многу големи. 

„Тешко дека ќе останам како прв тренер во клубот, бидејќи и јас не се чувствувам 100% подготвен за тоа. Но, што ќе биде, ќе видиме“, од свој агол ја коментира Миркуловски моментната ситуација. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk