Гостите од ЕП презадоволни заминаа од Скопје

РФМ може да биде презадоволен затоа што улогата на домаќин на врвен настан каков што е ЕП ја одработи на високо ниво, согласно стандардите поставени од ЕХФ. Без импровизации, однапред испланирано, воведен систем според кој функционираа сите организациски делови и кој не затаи во текот на сите 14 дена колку што траеше ЕП во Скопје. 
За да биде така се работеше и планираше многу пред 4 ноември или официјалниот старт на ЕП.



Факт што треба да се знае дека организација на ваков настан во Скопје е далеку покомплициран и бара повеќе труд и вложување затоа што „Борис Трајковски“ не е дизајниран точно според желбите на ЕХФ, а за волја на вистината арената во Скопје не е Шпаркасе или Ланксес Арена каде што да не речеме секоја недела се организираат настани на ова ниво, па целата инсталација и инфраструктура е веќе постоечка и тие практично ниту еден продолжен кабел не треба да донесат за се да функционира. 
Во Скопје за ова да се организира, беше потребно многу. Навистина многу. И затоа сатисфакцијата за одработеното е поголема.
Тие што беа видоа како изгледаше салата и едно најчестите прашања е дали ова вака ќе остане и кога ќе заврши ЕП. 
И нас тоа не интересира. Полноќ помина, прашање е дали златната кочија ќе се претвори во тиква. 
Следат нови активности во арената, што ќе се случува - ќе случува. 

Стотина акредитирани медиумски работници од цела Европа две недели функционираа од прес центарот во „Борис Трајковски“. Од тоа што можевме да го видиме и слушнеме, презадоволни си заминаа кој за Љубљана, кој по дома. 

„Немам апсолутно никакви замерки. Се беше одлично, од условите за работа, професионализмот, гостопримството. Можам само да се заблагодарам на вашата ракометна федерација што ова вака го организираше“, ни изјави Јан Хилдвејн, новинарот на францускиот весник Л'Екип. 

На прашањето што му остави најсилен впечаток во Македонија, надвор од активностите поврзани со ракометот и тој и целиот француски тим на новинари, впрочем како и Романците, Унгарците и Данците со кои имавме можност секојдневно да комуницираме, имаше ист одговор. 

„Храната и виното на прво место, потоа начинот на кој Македонците уживаат во рестораните, гостопримството, позитивното расположение“...
Ова воопшто не треба чуди, Македонија по којзнае кој пат се покажува како одлична гастрономска туристичка дестинација. 

Салата „Борис Трајковски“ не беше полна, но во прв круг со домашните навивачи, а во вториот со доаѓањето на Црногорците не беше ниту празна.
Билетите којзнае колку пати објаснето, беа надлежност на ЕХФ и тие кажуваа колку ќе чинат. Еднаш беше преполовена цената за најефтиниот билет од 35 евра на 15, уште еднаш со помош на РФМ и таа преполовената беше субвенционирана за 40%. Тоа што за нашиот стандард и тоа е скапо е друго, за ЕХФ цена од 15 евра за два натпревари е минимумот што го прифати..

Ракометно, нашата репрезентација благодарение на вложувањето во проектот ЕП 2022 на РФМ  имаше шанса по 10 години да се врати на меѓу Топ 16 репрезентации.
Поинакви ѕверки се овие тимови од Топ 15, Македонија некогаш парираше на вакви тимови, сега не.
Сега Македонија е поинаква репрезентација, а и времињата се други. Веќе не сме тим составен од одлични, врвни, но натурализирани играчи. Овие девојки се домашен производ и заедно со кадетско-јуниорскиот состав имаат поубава иднина благодарение на овој шампионат. 
Тоа што е реално според квалитетот во моментов, е дека не сме дел од ова друштво. Затоа и резултатите се вакви какви што се и затоа и на терен изгледаа натпреварите така како што изгледаа. И да биде белјата поголема и ждрепката не беше нималку на наша страна, па за противник имавме две репрезентации не од Топ 15, туку од Топ 5. 

Кој мисли дека треба да се фрлаат дрва и камења по ракометарките, селекторот и РФМ затоа што не победиле екипи од Топ 5, треба да фрли и некој факт и аргумент за критиките. Лесно е да се прават критички анализи кога на спротивната страна се Франција и Холандија, покрај нив и други многу помоќни екипи изгледаат лошо. 

Подвлечено, ова ЕП беше бланко покана за дружба со најдобрите од најдобрите. Се надеваме дека тоа ќе ни донесе противник по мерка во баражот за СП. Дури и да не биде така следната шанса е на следната кривина, квалификациите за ЕП... 




 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk