Што добиваат сениорките од настапот на ЕП 2022?

Ако го прифатиме фактот дека темелите се најбитните за изградба на долгорочна и одржлива екипа, тековнава година можеме слободно да ја прогласиме за најуспешната во репрезентативната историја. 



Резултатите што ги постигнаа кадетските екипи, значи дека следната година ќе имаме јуниорски тимови и во машка и во женска конкуренција што ќе играат на А првенства, а новодојдените кадети, затоа што се промени системот, нема да имаат директен пласман, но ќе играат квалификации за А првенства што ќе бидат проширени од 16 на 24 екипи. 


Веројатно ќе приметите и ќе додадете дека за да се прогласи голем успех недостасуваат резултати на големите натпреварувања, но ние сме среде промени на генерации, а кај нас тој процес колку и да сакаме да изгледа лесно затоа што ракометот е спорт број еден - не е така. Реалноста е дека не сме во Топ 8 држави, а и во другиот ешалон имаме опасна и сериозна конкуренција. 

Во женска конкуренција каде што откако не се практикува натурализација, 10 години немавме пласман на големо натпреварување, сега се враќаме на сцената како ко-организатори, а тоа пак нуди неколку поволности за во иднина. 
Женската репрезентација во конкуренција со Франција, Романија и Холандија е аутсајдер. Кој мисли поинаку, би сакале да ни образложи, но со издржани аргументи, а не со желби и лични убедувања. Извесно дека ќе изостане резултатски успех, но нема да е залудно играњето на ЕП.

Настапот на ЕП, во иднина ни носи, во прв момент место во првиот шешир во баражот за следното СП. Тоа значи дека ќе ги избегнеме сите 15 репрезентации што ќе играат на ова ЕП, а за противник ќе добиеме екипа што ќе игра квалификации. Една од деветте што ќе стигнат до бараж.
Има и таму „мини“, но ако имаме малку среќа, ќе имаме и противник против кого ќе можеме да дојдеме на СП. 

Учеството на ЕП сигурно ќе ни донесе место и во вториот шешир за квалификациите за ЕП 2024 што ќе се одржи во Австрија, Швајцарија и Унгарија. Тоа значи дека во нашата група ќе има две екипи со послаб рејтинг, а на ЕП ќе одат првите две од група, плус пола од третопласираните. Да потсетиме, ЕП 2024 ќе се игра со 24 репрезентации, не со 16 како што е досега. 

Ако зборуваме за создавање на цврсти темели, учеството на големите натпреварувања е приоритет. Што ќе се случува таму, е друга приказна погодна за друг тип на анализи. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk