На СП ќе одат со 10 тренинга и ќе бркаат злато!

Само десет тренинга планира репрезентацијата на Шведска пред настапот на Светското првенство на кое заедно со Полска е организатор.
Вкупно 17 дена подготовки, од кои седум веќе минаа. 



Глен Солберг, селекторот на Шведска, заедно со колегите од скандинавските репрезентации, Јонас Виле и Николај Јакобсен, како да се решени да ги побијат сите изјави на селекторите од типот малку време за подготовки и слично. Или пак „сакаат“ да демонстрираат колку се понапред или поинакви во однос на другите репрезентации со кои ќе се сретнат на мундијалот. 

Шведска планира само девет! (евентуално десет) тренинга во пресрет на Светското првенство на кое се ко-домаќини. Тука не сметаме играње на контролни натпревари. 
Три веќе одработија во неделата на ЕХФ, а во финалните 10-дневни подготовки што ќе бидат по Нова Година, ќе одработат уште 6-7 тренинзи. 

„Можевме да имаме 20 тренинзи, ако одлучевме да работиме секој ден, но ние се решивме за оваа варијанта“, изјави Глен Солберг за шведски медиум. 
„За оваа варијанта се одлучивме затоа што играчите имаат премногу напори во текот на сезоната. Префорсирани се. А и јас не верувам во праксата два тренинга дневно, мислам дека со тоа повеќе се губи отколку што се добива“
Место да тренира, Шведска ќе се фокусира на задржувањето на свежината на играчите. Околу тактичката подготвеност, Солберг вели:
„Играчите многу добро ја разбираат играта и целосно се посветени на тоа што го работиме. Пред, за време и по собирите. И тоа ги поедноставува работите. Исто така многу брзо влегуваат сржта на тоа што го работиме. Импресиониран сум. Доаѓаат од различни клубови, со поинакви принципи и филозофии, но веднаш се префрлаат во репрезентативно расположение и тоа што се работи тука“, вели Солберг. 


Како надополнување на тоа што го планира Шведска, ќе додадеме дека нашиот прв противник, Норвешка ќе има вкупно 12 тренинзи, Данска 11-12. Германија од ова друштво ќе има „најмногу“ - вкупно 17 тренинзи пред настапот на СП. 

Споредба со нашиот тим не е можна. Македонија како и ред други репрезентации од регионов се другата страна на паричката. Ако скандинавските ракометари не можат да кренат глава од натпревари во текот на сезоната, кај нас е спротивно - недостасуваат врвни натпревари. Следствено и бројот на тренинзи и подготовки се зголемува и се станува неопходност, па макар бил и во право Глен Солберг во неговата теорија за два тренинга дневно. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk