20 дена до ЕП: Подготвени да направиме нешто специјално



Ракометната федерација на Македонија денеска го одбележа со прес конференција официјалното одбројување од 20 дена до стартот на Европското првенство во женска сениорска конкуренција што ќе се одржи во Македонија, Словенија и Црна Гора. 



Во присуство на голем број на играчи, активни сениорски репрезентативки кои ќе ги гледаме во македонски дрес на шампионатот, познати поранешни ракометарки кои се многу заслужни за подемот на ракометот во Македонија, комплетната маша сениорска репрезентација, денеска говореа претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, селекторот на машката сениорска репрезентација Кирил Лазаров, амбасадорот на првенството Гордана Нацева...

„Благодарност до сите што се тука. Би сакал да продолжиме да работиме заедно, како и досега, за да продолжиме да градиме подобар македонски ракомет. Нè очекува организација на Европско првенство. Би сакал на натпреварите да одиграме со срце, за Македонија.
Би сакал да ги повикам навивачите да дојдат во што поголем број, да им дадеме поддршка на нашите девојки на овој турнир. Се надевам дека ќе докажеме дека сме сплотени. Да докажеме дека сме добри домаќини и дека Македонија е подготвена да направи нешто специјално и да покажеме што значи спортот број еден во нашата земја“, порача Мукаетов.

Селкторот на машката репрезентација Кирил Лазаров во име на машкиот тим даде поддршка на дамите: 


„Сакам да му честитам на претседателот и на РФМ за тоа што на Македонија ќе и овозможат да биде домаќин на едно натпреварување.
Да се добие организација е голема работа и се надевам дека сите заедно ќе се прикажеме во најдобро светло. Се надевам дека нашата публика ќе ја наполни салата и ќе и даде поддршка на нашиот тим.
И женскиот ракомет е во нагорна линија и се надевам дека во иднина ќе бидеме константни учесници на големо натпреварување. Се работи добро и амбициозно и мислам дека сме на добар пат.
Заслужуваме да имаме силен и женски ракомет. Ни претстои голем настан и можам да кажам дека ќе ми биде задоволство да бидам присутен на сите мечеви.
Секогаш може од секого нешо да се научи. Поддршка од мене ќе имаат максимална. Аутсајдери сме но фаворитите не победуваат секогаш“, изјави Лазаров.

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk