Мукаетов: Верувам во нашата репрезентација, да и дадеме поддршка

Македонија е еден од организаторите на Европското првенство во женска конкуренција што ќе се одржи во ноември. Нешто повеќе од 30 дена остануваат до почетокот на големиот настан, а организациските работи добиваат се посилен ритам. 



Денеска се одржа промотивна прес конференција на која говореа претседателот на РФМ, Живко Мукетов, амбасадорот на првенството Гордана Нацева, селекторот Љубомир Савевски, а претставник на играчите беше Сара Ристовска. 

„За нас како Ракометна федерација е голем предизвик, но и голема чест да бидеме организација на едно сениорско европско првенство, нешто што е врв на европската ракометна сцена. Ова е голема можност да им дадеме огромна поддршка на нашите ракометарки и на стручниот штаб.
Апелирам во што поголем број да дојдат навивачите и да им дадат поддршка на нашите репрезентативки. Исто така, ќе имаме можност во живо да погледнеме голем дел од елитните европски репрезентации, навивачите да уживаат во настанот, а ние да видиме до каде сме со работата и со квалитетот на женската национална селекција. Не е лесно кога три различни држави треба да одговорат на исти обврски на ист начин, но синхронизирани сме и сме подготвени и за тоа. Комуникацијата со останатите земји-домаќини е одлична“, изјави претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.

Организациски, стандардите што се поставени од ЕХФ за ваков настан се високи. Спортскиот објект „Борис Трајковски“, ќе доживее комплетна трансформација, а тоа не е мал предизвик и зафат. 

„Сакам да се заблагодарам до Владата, таа прифати да ги досреди градежните работи околу салата СЦ „Борис Трајковски“ кои се неопходни за да бидеме на висина на задачата. Ние во минатото во бројни ситуации сме се покажале како одлични домаќини, но ова е топ-настан и со самото тоа голем предизвик за нас, верувам дека сите заедно со одлична работа ќе одговориме на предизвикот“, додаде Мукаетов.

Македонија по 10 години се враќа на европската сцена. Ова е последното ЕП што се игра со 16 репрезентации и конкуренцијата е исклучително силна уште во прелиминарната фаза. Нашата репрезентација е во група со актулениот олимписки шампион Франција, со Холандија, светскиот шампион од 2019 година и со репрезентацијата на Романија која ја има најскапата женска ракометна лига во Европа. Во друштво со такви гиганти, резултатски, противниците се во улога на големи фаворити. 

„Селекторот изјави дека се надева на еден скалп, една сензација, јас исто така сонувам за таков исход на резултатски план. Она што можам да го кажам е дека јас како претседател ја поддржувам оваа репрезентација, верувам во девојките и убеден сум дека пред женскиот ракомет во Македонија е светла иднина“, истакна првиот човек на РФМ.
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk