Додиќ е МВП, но Кико Кошта е првата ѕвезда на ЕП

Паметите, уште пред пет години пишувавме за младото момче по име Стефан Додиќ кое секој ден по училиште од Врање патува во Скопје за да тренира под команда на Лино Червар во Металург и потоа се враќа назад дома за другиот ден да може да оди повторно на училиште? 
Пет години подоцна, тоа момче е МВП на Европското јуниорско првенство, со настапи во ЛШ за Металург и Вардар и со потпишан договор со Келце. Полјаците планираат да го позјамат некому, тој сака назад во Вардар, но МВП пехарот може да смени многу работи во неговата кариера. 


Приказната за Стефан Додиќ е епска, може да се препорача во секој прирачник за мотивација. Тој е доказ дека и во Македонија може да се произведе добар ракометен производ и без трансфер во странство. 
На околу 3500 километри од Скопје каде што Додиќ ја пишуваше својата приказна, годинава се пишува нова епска. Главен лик во таа приказна е 17 годишното момче со име Франциско Кико Кошта. Тој е две години помлад брат на Мартим Кошта, момче за кое многу имаме пишувано и кое европската промоција ја имаше во Скопје.
На СП 2019 во Скопје, како 16 годишник за репрезентацијата на Португалија која како заменска екипа стигна во Македонија дебитираше Мартим да Мота Кошта. И уште на првиот меч и даде 10 гола на Германија. Вчера и двајцата, со сребро околу вратот беа селктирани во Ол стар тимот на М20 ЕП. 

Приказната за Франциско Кошта, сезонава е импресивна. Тој заедно со Мартим за сума од околу 250.000 евра преминаа од Порто во Спортинг, а таму тренер стана нивниот татко Рикардо Кошта. Малку недостасуваше Спортинг да стане шампион, но во клучниот меч загубија од Порто, а Кико Кошта го промаши последниот шут. 
Мечот ќе остане запеметен повеќе по Кико Кошта отколку по победата на Порто, затоа што 17 годишникот на Порто му даде неверојатни 19 гола.  
Нешто претходно, во Европската лига на дуелот со новиот победник на ЕЛ и германски шампион Магдебург, Кико Кошта на едем меч даде 10 гола. 

На М20 Мартим и Кико ја водеа Португалија до финалето, во кое водеа со четири гола предност на нешто повеќе од 10 минути до крајот. Не издржа Португалија, Шпанците направија голем пресврт и го освоија златото.
На Кико Кошта покрај местото во Ол стар тимот му припадна и титулата најдобар стрелец. Со 58 постигнати голови тој е на првото место пред данската сензација Томас Арнолдсен со 54. Но, Кошта играше мечеви и со поголемо значење и со посилни противници отколку Данска. 
Да подвлечеме, ваков талент немало од времето кога Микел Хансен се појави на сцената. А има пред него уште играње и во кадетска и во јуниорска репрезентација. 

Покрај браќата Кошта, Додиќ и Арнолдсен, од М20 треба да одвоиме уште неколку имиња. Прв, Андре Соуса, уште еден Португалец кој исто како и Мартим се промовираше на мундијалот во Скопје 2019. Игра на позиција плејмејкер меѓу браќата Кошта. 
Милош Кос, српскиот бек кој потпиша за ППД Загреб мора да го имаме високо на оваа листа, затоа што според начинот на кој играше и на моменти доминираше, сигурно му претстои светла иднина. 

Десното ол стар крило, Антонио Мартинез Љамазарес од Адемар, наскоро сериозно ќе му биде конкуренција на во моментов број 1 крилото во светот, Алеиш Гомез. Тоа што десните крила на Шпанија и во сениорска и во јуниорска конкуренција се моќно оружје, можеби се должи и на нивниот систем на игра и транзиција. Многу сличности во играта и на репрезентациите и меѓу Љамазарес и Алеиш Гомез видовме. 

Играч што не смееме да го прескокнеме е Елијас Елесон а Скипаготу. Овој играч го претвори Фарски Острови од тим за спотер, до екипа во Топ 10 и место на следниот мундијал. 
Таму можеби ќе ја видиме и Италија. Чудно или не, ама Италијанците играа сосема добар ракомет, а за Никола Фанадели и Томас Бортоли сигурно ќе слушнеме повторно. Особено, ако решат да се испробаат низ посилните европски лиги.
Словенија, како и секогаш промовираше нов централен бек. Митја Јанц, помладиот брат на Блаж Јанц од Барса е новото име за кое ќе се слуша понатаму.

Овде би прекинале со набројување, иако има уште неколку играчи од Данска, Шпанија и Шведска што ќе ги следиме имајќи на ум како играа на М20 во Португалија.


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk