ХОЛАНДИЈА: Летечкиот Стеинс и сменетиот чип

Македонија ги доби противниците за следниот мундијал. Немаме причини за задоволство. Играме со вајлд карта тим од четвртиот шешир, а тоа е Холандија, потоа со Аргентина тим од перјаницата на Јужна Америка и со фаворитот Норвешка. 
Ќе се обидеме да ви ги приближиме во прв момент противниците, за да биде појасна сликата со кого ќе си имаме работа на СП. 


Приказната за холандскиот ракомет е кажувана и прераскажувана многу пати. 
Нивните клубови се речиси аматерски, машката репрезентација имаше еден настап на СП и тоа во 1961 година, женската нешто поуспешна. 
Потоа Холанѓаните го сменија чипот, сменија претседател на федерацијата. Направија стратегиски план, пристапија сериозно, на начин на кој тоа го работат во фудбал на пример и се случи чудо. 

 

Ако не знаевте:  Пред само 10 години, холандскиот ракомет беше практично избришан кога се откажаа од домаќинството на женското ЕП и следствено беа дисквалификувани. Две години подоцна нивната женска репрезентација стигна до финале на СП. Следното СП играше полуфинале, за во 2019 да станат светски шампиони.


Нивните клубови и натаму се аматерски, најдборите играчи играат во странство, но нивната женска репрезентација, од нула за две години стигна до финале на СП. 

Холандија направи систем кој се преслика и во машкиот ракомет. За волја на вистината до пред една година ќе ги сметавме за добра ждрепка, но на ЕП 2022 се случи ново холандско чудо. 

Холандија го совлада домаќинот Унгарија пред полна (нова) сала на премиерата на ЕП. Потоа минимално загуби од Исланд, но ја совлада Португалија. 

Не застанаа овде, ја совладаа и Црна Гора, ремизираа со Хрватска, а единствените порази им беа од Данска и Франција. 
Крајот на ЕП беше толку хаотичен со Ковид отсуствата што не вреди да се анализира, на крајот Холандија заврши на 10 место. 
Но, остави впечаток на тим што покрај Исланд играше најубав ракомет за око.

Лук Стеинс, МВП на француското првенство, ракометар со само 172 см висина е моторот на тимот. Играат брзо.. пардон, играат супер брзо, па кој влезе во нивната машина не проаѓа добро. 

Каи Смитс, десниот бек на Магдебург, е второто звучно име. И тука некаде завршува списокот на звучни имиња. Можеби ќе се сетите на Дени Бајенс бек што играше за Флензбург во 2018 или на Боби Шаген кој игра десно крило во Лемго, но тука некаде подвлекуваме црта. Системот, колективот е нивната силна страна. И брзината. 

Во бараж за СП 2023 Холандија на првиот меч како гостин ја совлада Португалија и се чинеше дека нивната бајка продолжува. Но, Португалија покажа дека кога Холандија има маани. Се прегрупира, сконцентрира и победи како гостин. 
ИХФ ја почести Холандија со вајлд карта и ни ги испрати нас на дуел на СП. 

Неочекувано, пред еден месец, Холандија се раздели со Ерлингур Ричардсон, исландскиот тренер кој од 2017 до сега го правеше овој тим и мисијата му е повеќе од успешна. 
Холанѓаните ќе бираат наследник, многу работи зависат од тоа кого ќе изберат. 

Македонија и Холандија ќе играат на 15 јануари во второто коло од прелиминарната рунда. 



 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk