АРГЕНТИНА: Рaкометниот Меси и наследството на Каденас

Македонија ги доби противниците за следниот мундијал. Немаме причини за задоволство. Играме со вајлд карта тим од четвртиот шешир, а тоа е Холандија, потоа со Аргентина тим од перјаницата на Јужна Америка и со фаворитот Норвешка. 
Ќе се обидеме да ви ги приближиме во прв момент противниците, за да биде појасна сликата со кого ќе си имаме работа на СП. 



Аргентина учствуваше на последните три Олимписки игри, на Светските првенства ова ќе и биде 14 учество по ред, од 1997 наваму е редовен дел од мундијалите. Резултатите, најдобар пласман - 11 место, на последното СП во Египет.
Во групата ги совлада Бахреин и Конго, а загуби од Данска. Потоа ги совлада Јапонија и Хрватска, а за пласман во елиминациите, малерозно по многу драма, загуби од Катар, минимално 25-26. 
Дали беше ова врвот или почеток, ќе видиме во Краков. 
На Пан Американските игри има пет финалиња од кои победи на две, а во новоформираната Јужноамериканска федерација, победи во 2020, во 2021 беше втора, зад Бразил. 

 


Ако не знаевте: Аргентина беше единствената репрезентација што ја победи Хрватска на чело со Лино Червар, Ивано Балиќ, Петар Метличиќ, Мирза Џомба итн. на Светското првенство во 2003 година кога Хрватите сензационално станаа светски прваци. Во првото коло, предводена од тогашната легенда Ерик Гул, Аргентина ги совлада Хрватите со 30-29. 


Аргентина има дури 22 ракометари што играат во шпанската Асобал лига. Од нив 10 играа во репрезентацијата на последните квалификации во Бразил, во јануари годинава. Ги предводат две многу познати имиња што играат во Франција - ракометниот Меси - Диего Симонет и пикерот Лукас Москариело. Двајцата лани играа во Монпеље. 
На овие 12 интернационалци се приклучува уште еден, од бразилскиот шампион Таубате - Сантијаго Канепа, потоа еден ветеран од домашниот шампионат и во моментов играч со најмногу настапи - Федерико Фернандез и имаат уште двајца млади домашни играчи. Тоа е нивниот состав во моментов. 

Покрај споменатите Симонет и Москариело, звучни имиња во нивниот тим, барем за тие што следат ракомет се и Лео Масиел, голманот кој со Барса стана шампион пред две недели, потоа помладиот брат на Диего - Пабло Симонет, Игнасио и Федерико Пизаро, Педро Портела... 

 

Ако не знаевте: На последното СП од дресот на Аргентина се збогуваа нивни две легенди. Гонзало Кару, пикер што играше во Адемар и Себастијан Симонет, најстариот од тројцата браќа. Двајцата се во новиот стручен штаб на тимот. 


Аргентина има нов селектор. По Светското првенство во Египет од клупата замина познатиот шпански стручњак Маноло Каденас кој таму комплетираше четири години. На неговото место дојде асистентот Гиљермо Милано, тренер кој претходно 10 години беше селектор на јуниорската репрезентација. Тој веднаш најави промени и реконструкција на тимот, иако на квалификациите во Бразил такви промени немаше. Маноло Каденас како и да е, во својот четиригодишен мандат остави убаво наследство за Гиљермо Милано, во јануари ќе видиме по кој пат ќе тргнат сино-белите. 
 

Ако не знаевте: Прекарот на ракометарите на Аргентина е „гладијатори“


На СП во Краков, Македонија и Аргентина се среќаваат на 17 јануари, во третото, последно коло од прелиминарниот дел. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk