Македонија ќе биде првата држава во која ќе се играат официјални натпревари со нови правила и самолепливи топки.

Новите правила стартуваат на 1 јули, новата самолеплива топка произведена од јапонскиот Молтен исто така официјално добива зелено светло на 1 јули годинава.
Првите натпревари на кои ќе се игра со оваа топка и според новите правила ќе се играат на Светското јуниорско првенство што ќе се одржи во Скопје од 30 јули со 10 август.
Претходно од 22 јуни до 3 јули ќе се игра женско јуниорско СП во Словенија и можно е за прв пат таму да бидат применети, иако малку предвреме и нови правила и нови топки, но сеедно, тоа не е трка, а Македонија секако ќе биде во првиот ред каде што ќе се оценува, особено во делот со топките, дали е проектот успешен или ќе треба Јапонците одново да засукаат ракави и произведат нешто ново.
ИХФ преку „Молтен“ и ЕХФ преку нивниот снабдувач „Селект“ долго време се обидуваат да произведат топка на која што нема да и треба лепак. Оваа идеја наиде и на отпор кај ракометари, тренери дури и почна и иницијатива со хаш-тагови со дополнување на реченицата од типот „ Ракомет без лепак е како ...“.
Но суштината на проблемот со лепакот не во играта и играчите, туку во спортските сали. Лепакот како таков, остава траги, „прљавштини“ на паркетот и поскапите и поголемите сали одамна не сакаат да пуштат ракометари на теренот, без разлика и на повисока цена и слично. Премногу е мачно да се исчисти салата потоа.
Беа смислувани начини на чистење, средства, но ништо не даде задоволителен резултат. Потоа се премина на местење на специјална подлога.
Првиот обид беше оној легендарен „очобол“ жолтиот тарафлекс. Потоа и во тој дел се модернизираше ракометот и сега има далеку попристојни подлоги, но и тоа не може да биде конечно решение.
Монтирање-демонтирање, транспорт... сето тоа бара и луѓе и ангажмани и пари и се премина на солуција да се најде топка за која нема да треба лепак. Тоа си имаше свои предизвици, но конечно е дојден моментот за прв пат на терен да видиме самолеплива топка.
И тоа од прва рака, па ќе можеме да коментираме дали е ова решение добро или не е.
Ако не сте знаеле:
Репрезентациите на Египет веќе тренираат со самолепливи топки и во еден момент тоа ќе биде нивна предност во однос на другите репрезентации.
Ако не сте знаеле:
За разлика од Египет, дел од африкански репрезентации, меѓу кои и женскиот сениорски тим на Конго и без самолеплива топка играат без лепак. Дел од нивните играчи за прв пат се сретнаа со лепак на Светското првенство што се играше во Германија 2017. Тоа во моментот беше топ вест низ ракометните медиуми.