Пишува: Ричи Ѓамовски
Скопје, 19 мај 2022. Кометал Ѓ. Петров одамна не постои. Замина некогашниот гигант во историја што не е заокружена и заштитена и покрај нашето секојдневие во кое парадоксално токму историјата е тема што е експлоатирана, колку што е и сегашноста, а и иднината, ако не и повеќе.
Денеска, 20 години подоцна, Трифун Костовски, ракометниот мецена, човек потпишан спонзорски, идеолошки зад секој успех на клубот ги предава сите освоени пехари на сегашниот клуб РК Ѓорче, оставајќи отворена врата приказната некогаш, со некои други луѓе да продолжи.
Потег што го сфаќам симболчно, иако отсекогаш повеќе ми била мила идејата да се изгради еден мини музеј што ќе ја раскажува приказната за клубот со кој македонската спортска јавност живееше и се гордееше повеќе од петнаесет години.
Треба градот да се грижи за својата историја, иако спортска, иако со понов датум. На крајот на краиштата колку би чинело сето тоа?
Скопје, 19 мај 2002. Македонија свежо излезена од воен конфликт, иако барут се уште може да се помириса во воздухот, а тука и таму останал понекој знак што потсетува дека на местото имало полициски пункт. Нервите на народот истенчени, по секоја цена треба да му се случи нешто големо и убаво, па макар на спортски план.
Ракометна Македонија... за тоа треба уште малку да го вратиме времето назад. Две години, во 2000 Кометал Ѓ. Петров по низа неуспешни обиди и една јавна закана од Трифун Костовски дека ќе се повлече од спонзорирање, стигна до големото финале.
И таму, некако наивно влета во заседа поставена во Виена од Гунар Прокоп и неговите шеми во кои барем во очите на македонските фанови, подоцна и судиски аналитичари одлично се вклопија данските судии Боје и Јенсен. Настрана што Хипо имаше и веројатно посилен тим, предводен од вонсериската Аусра Фридрикас и нејзините литвански колешки со австриски пасоши.
Потоа во Скопје, на Гунар Прокоп му влета навивач, го нокаутира, а како казна сите македонски клубови и машки и женски беа една сезона суспендирани од Европа. Женскиот ракомет беше главен во Македонија во тоа време, машкиот - не толку.
Битола беше главниот центар, за македонски клупски ракомет, иако Вардар стануваше се посериозен ривал.
Кометал Ѓ. Петров се врати посилен следната сезона и стигна до големото финале, во кое противник беше Херц Ференцварош од Унгарија. Тензијата, притисокот беше огромен, иако, ако мене ме прашате, а верувам дека ќе се согласат и многумина од „тоа“ време, дека дуелот со Ларвик во реваншот од полуфиналето беше мечот на годината и еден од Топ 3 натпревари што воопшто ги одиграл македонски клуб.
Кометал против Херц имаше домашен терен на реваншот. Првиот меч заврши 27-25 за Унгарките и тоа беше покана плус за секој македонски ракометен фан.
Унгарија и тогаш, беше фактор во женскиот ракомет, а во екипата на Херц играа најмалку две ракометарки што ги препознаваше цела Европа - Агнес Фаркаш и Естер Шити.
Кометал, ех, тоа беше тим против кој никој не сакаше да игра. А и кој би сакал да влезе во дуел со Велкова и Платон во полна форма, истренирани и спремни да сомелат кој и да се осмели им да дојде на линијата. Се уште паметам како пикери од светска класа, едвај одеа кон соблекувалната по натпревар.
Но, настрана фамозната одбрана, „Кале“ беше местото од кое им се пресекуваа колената на противниците уште кога ќе се споменеше името.
Сала дизајнирана за, колку, 1000-1200 често имаше многу повеќе гледачи. И тогаш и сега слободно се лицитира со тоа колку луѓе имаше во салата на полуфиналето и финалето, факт е само дека немаше место игла каде да падне. Особено на трибината каде што беше навивачката група.
Каков што е редот кај нас, во тие моменти инстантно се формира и нова навивачка „фаланга“ и ракометни фанови стануваат и многу познати и „познати“ фаци. Не верувам дека во редот на новопечените фанови некој знаеше која е Фаркаш, а која е Шити, а и не знам дали пред или потоа биле на ракометен натпревар. Но, тогаш беа во салата, сите и старо и младо и познато и непознато.
Ложата се прошири, се спушти до записничата маса, а новинарите добија прекоманда, беа преселени на „оној“ преминот, над голот. Не немаше многу, Македонски спорт, Утрински, Дневник, Вечер, Н. Македонија, плус - минус уште некој. Со дел од нив и по 20 години војуваме на ракометни теми. Редакциите таа вечер беа отворени, насловните стоеја празни во исчекување на епилогот од големиот настан.
Во „Кале“ се влегуваше и за обичен меч од ЛШ, околу 2 часа пред натпревар. Задоцниш ли, со сигурност ќе седиш позади некој столб и едниот гол нема да го гледаш. Постоеше и реална можност, да не те пуштат во салата, иако имаш купен билет, затоа што е преполно, а не си дошол навреме.
За финалето, уште порано се трнуваше кон салата. Пред влезот, полициско-редарски шпалир. Запалки, цигари, ситни парички, тоа не смееше да влезе во сала. Како и да е, салата на крајот и тогаш, како и секогаш беше задимена.
На плоштадот, монтирана бина за која сите се молеа да не биде малер. Билети за овој натпревар, не сум сигурен и дали стигнаа да отидат во продажба. Веројатно, некое мало делче.
Не се опишува лесно моментот кога во „Кале“ на терен ќе истрчаше гостинската екипа. Одеднаш малата сала се претвораше во визуелно-акустичен хаос во кој нит можеш да видиш нешто, а не можеш да го слушнеш ни што зборува тој до тебе. Немаше строг пртокол, па Кометал ги оставаше противниците да излезат, да бидат исвиркани и потоа тие истрчуваа на терен. Одново истата сцена, визуелно-акустичен хаос, само без свирежи туку воодушевување.
На теренот, на тоа финале беа Дину, Нацева, Пласницкаја, Калиниченко, Кастратовиќ, Платон, Велкова, Бујанова, Чупиќ, Будимир, Кисељова, Андрушенко, Малахова и Златановска. На клупата руски стратег, мирниот Александар Панов. Покрај него, Владимир Радиќ, претседателот на клубот Иван Бојков и докторката Маја Неделковска.
Тоа е шампионскиот тим, но нема да погрешиме ако кажеме дека во овој тим понекоја тула во градбата имаат оставено и играчи што таа вечер не беа дел од тимот.
Првото полувреме 12-10 за Кометал, предноста анулирана, но за шампионски пехар треба барем плус три. Индира Кастратовиќ или „Инди Мајсторе“ со 10 гола и онаа легендарна шрауба го водеше тимот кон победа. Наталија Тодоровска, тогаш Малахова со шест гола зад неа, Олга Бујанова постигна четири, Будимир и Кисељова по два, Платон и Велкова по еден погодок.
Во вториот дел долго се кршеше резултатот за во еден момент Кометал да стигне до посакуваната разлика. Конечно, 26-22, првиот шампионски пехар во ЕХФ Лигата на шампионите беше освоен.
Плоштадот во Скопје во следните часови беше полн со се приодите од ГТЦ, Рекорд и Пошта. Врвот беше кога пристигна и екипата на споменатата бина.
„Сакаме сала“, беше скандирано од илјадници грла. Култното „Кале“, беше надживеано, иако за овој меч и тогашниот „Градски“ ќе беше мал.
Скопје нова сала доби шест години подоцна, но Кометал веќе не беше тој.