ПСЖ со нула оди во Кил

Пари Сен Жермен - Кил   30-30 (14-16)
Ремили 8, Шипжак 7 - Сагосен 6, Пекелер 5



ПСЖ и Кил ќе стартуваат од нула следната недела кога силите ќе ги одмеруваат во „Вундерино Арена“ на северот на Германија. 
Вечерва во Париз, мечот заврши без победник, 30-30, а посреќен со ваквиот епилог би требало да биде домашниот состав. 
ПСЖ поведе 1-0 и тоа беше единственото водство на Французите вечерва. Кил со серија од 5-0 дојде до убедлива предност, беше и 8-4, по што домашните почнаа да се враќаат во игра, но освен неколку израмнувања во текот на средбата, особено во финишот, не успеаја да ги запрат Германците. 

Тренерот на Кил, Филип Јиха со игра 7 на 6 ја отпиша рауловата 5-1 зона. Не можеа Французите да ја играат својата дефанзива, но затоа пак со брз центар и транзиција предводена од суперсочниот Лук Стајнс постојано вршеа притисок врз Кил и нивната транзиција, а настрана тоа постигнаа и најмалку четири гола на празен гол или на несредена зона. 

Но, на Кил и покрај тоа му се исплатеше играта без голман. Постојано го контролираше резултатот, успеваше да ги разигра пикерите, па доколку Винсен Жерар беше само за нијанса послаб или пак во неколку навати среќата не им свртеше грб,  а и вечерва лошите шведски судии имаа поинаков критериум, тогаш Кил сигурно ќе победеше. 

И вака, Кил имаше плус два во финишот, но Шипжак умешно погодуваше пенали, а Жерар кога најмногу требаше бранеше, па средбата стигна до 30-30 и напад за Кил. Немаше успешна акција и мечот заврши без победник. 

Тешка задача ги чека македонските судии Начевски и Николов следната недела во Кил. На вечерашниот меч имаше провокации меѓу играчите, груби и опасни стартови, искри на терен и уште што не. Швеѓаните што вечерва судеа не беа за пофалба, но успеаја да ја отсудат средбата до крај без да станат центар на внимание. 

На испитот падна и Виена. Ова беше меч на двата најбогати клуба, на теренот беа тимови со вредност од над 25.000.000 евра, во 1/4 финалет на ЛШ, а ЕХФ немаше ниту саглам статистика на нивниот официјален веб сајт. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk