РФМ: Подмиривме долг од 400.000 евра

Од Вардар реагираат - Не е се розово. Резултатите на репрезентациите се послаби, бројот на странците е спорен, не биле доставени документи на време. Вардар не беше претставен од претседателот, туку своите сугестии за подобар ракомет ги прочита Андрија Нунев, со соопштение. 



Собранието на РФМ денеска мина без некакви турбуленции какви што сме имале многyпати шанса да видиме во минатото. Откако претседателот на РФМ, Живко Мукаетов пресече дека останува на чело на федерацијата, а со тоа и „мераклиите“ ја загубија главната поента, работите се наместија по нормален колосек.

Имаше и критики, конкретно, Вардар го критикуваше денеска РФМ.  Скопскиот клуб потенцираше дека на РФМ му недостасува креативност, но во исто време не многу креативно место претседателот на клубот, испрати емисар кој го почита соопштението во кое издвои моменти, поенти што се главно од клупски интерес. 

За волја на вистината во соопштението што беше прочитано, слушнавме и дека репрезентациите ни одат во надолна линија, а на клупски план се работи популистички, со квантитет на сметка на квалитет.
Патем контрадикторно, пак, спомена дека квалитет има само во два клуба. 

Резултатскиот пад на репрезентациите, и не беше многу креативно-професионално елабориран, туку констатитран од фактичката состојба, пласманот на ЕП 2022, без да се споменат на пример оние мали детали кои можеби се битни, а можеби и не - како неиграње на Кирил Лазаров, Дејан Манасков, Столе Стоилов, смена на генерации, нов систем на натпреварување ... Но, беше споменато дека губиме од репрезентации од кои претходно не сме губеле (веројатно се алудира на Ц. Гора), ама не и дека го победивме светскиот првак Данска на официјален квалификациски натпревар.

Нејсе, критиката беше назначена како добронамерна, така и ја сфаќаме. Но, иако доаѓа од сосема ново раководство, тоа  доаѓа од редови на бивш двократен европски шампион и за ваков настан, а и за секаков друг настап во овој правец, очекува(в)ме дека ќе биде на ниво на двете ѕвездички. Па во тој правец, сакаме и ова да биде добронамерно критички сфатено. 

Кај дамите пак, каде што немаме пласман на големо натпреварување од моментот кога во репрезентацијата нема веќе натурализирани играчи, одбележуваме дека како организатор се враќаме на ЕП. 

Во делот со критиките кон (финансиските) извештаи, пак од РФМ имаше и конкретен одговор. 

„Во моментот кога ја преземавме РФМ, старото раководство остави долг од 400.000 евра, со се кредит земен на три месеци пред смената на раководството. Ние тоа го подмиривме и до денеска не кажавме ниту збор. Имаме конкретни извештаи за финансиското работење на РФМ од денот на преземањето, но имаме и од периодот кога го водеше претходната гарнитура“, изјави на говорницата Никола Колевски кој во РФМ ја води сметката за финанисиите. 

Вардар, има поента околу бројот на странците во домашните првенства. Бараат повеќе странци во екипата, бројот да остане на осум место на предвидените шест. 

„Доставете конкретен предлог до РФМ, па ние ќе разгледаме и ќе одлучиме во консултација со клубовите. И за ова и за сите други предлози што ги имате сме отворени за соработа“; изјави претседателот на РФМ, Живко Мукаетов. 

РФМ објави дека ќе ја почитува одлуката на арбитражниот суд на ЕХФ за случајот на суспезијата на  Марјан Начевки, поранешен генерален секретар, сега делегат со ЕХФ и ИХФ значка. 

РФМ подвлече во финалното излагање, дека ќе посвети многу поголемо внимение на комуникацијата со клубовите и јавноста во иднина. Но, да видиме дали во иста мерка кон РФМ и особено кон јавноста ќе биде возвратено од клубовите со отвореност и креативност. Посебно кога е двократниот европски шампион во прашање. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk