Магдебург веројатно ќе биде шампион на Германија, но двојна круна нема да има. Кил денеска во финалето на Купот, во ракометна убавица видена во Хамбург, го совлада Магдебург и го освои првиот пехар.
Вистинско уживање беше да се гледаат Магдебург и Кил денеска во финалето на германскиот Куп. Двата најдобри тима во Германија во моментов, со развиено ривалство сезонава, играа со 100% од силите. А кога мајстори како Ландин, Сагосен, Маггнусон, Грин... играат со 100% - тогаш има што да се види.
Кил почна со 7 на 6, Магдебург, за нас помалку несфатливо со Вебер и Гисли на теренот на сметка на Дамгард и Безјак. Водеше Кил 9-6, па водеше Магдебург 11-9, за на крајот на првиот дел Магдебург со гол предност да замине во соблекувална.
Одбраната што ја играше Кил во второто полувреме, особено во последните 10 минути е нешто што не се гледа често. Со Ландин на голот, Пекелер и Винцек на позициите 3 и 4, како стигнуваат и затвораат и помагаат лево и десно, Магдебург немаше шанса.
Конечно, по 22-20 за Кил, следеше серија од 6-0. Магдебург десет минути не го виде ниту Ландин ниту голот на Кил и финалето беше решено (28-21).