Машката сениорска репрезентација на Македонија има „некоја“ среќа да игра против репрезентации што менуваат селектори непосредно пред дуелите со нашите избрани ракометари. Така беше со Романија, со Чешка, а така можеби ќе биде и со Португалија.

Пауло Переира ја води Португалија од 2019 година и има активен договор до јуни 2023. Со него Португалија има одиграно 72 натпревари, меѓу кои се и успешни квалификации и настап на СП, ЕП и Олимписки игри.
Переира неодамна со Португалија на првиот бараж за СП 2023 на домашен терен загуби од Холандија, но успеа минусот од три гола да го покрие со победа од седум на гости во Ајндховен. Португалија ќе игра на следното СП, а Переира има уште причина плус да „почасти“.
Тој потпиша договор за водење на клубот Кувајт Спорт Клуб до крајот на сезоната.
Португалија и Македонија се противници во квалификациите за ЕП 2024, во група уште со Луксембург и Турција. Ова е прв излет на Переира како селектор надвор од селекторската функција и доколку му се „погоди“ излетот на Блискиот исток, можеби ќе има и смена на челната позиција.