Кога Столе трча, салата се тресе, а стаклата пукаат

Не е ништо поразлично првото мундијалско утро, од првата мундијалска ноќ. Премалку е една проспиена ноќ за да се сталожат мислите, емоциите, да се испофаќаат сите моменти. И натаму тастатурата има своја сопствена визија, прстите си пишуваат нешто по свое, а во умот. Е, дури таму почнува хаосот. 
Но, иако тмурен според временската прогноза, денеска денот ќе биде и долг и убав. 


Нам, неколку спортско-ракометни новинари што синоќа го дочекавме почетокот на прес конференција уште во моментот кога видовме дека со Кирил Лазаров и Филип Миркуловски во прес салата влегува и Столе Стоилов, ни беше кристално јасно што следи, не е Стоилов човек што радо доаѓа на прес конференции по натпревар. Ак кога ќе дојде, знаете дека има нешто важно да каже. Неколку минути подоцна, стигна потврдата.

„Сакам да ја информирам јавноста дека ова беше мојот последен натпревар за репрезентацијата“, почна Стоилов. „Моето тело веќе не може да ги издржи напорите. Од 2008 година немам одмор, имаме само 20-тина дена во лето. Многу е напорен ракометот, премногу густ распоред, а ако играш пивот е уште потешко. И на тренинзи и на натпревари. 
Немаше да се повлечам ако немав квалитетни замени. Но, имаме златни играчи. Пешевски заслужува да игра многу повеќе, Маркоски тука. Сметам дека вака е најдобро. Не сакам повеќе да одземам минутажа на тие што доаѓаат. Тука сум да помогнам на секаков друг начин. Не се гледам како тренер засега. Имам уште една година од договорот со Вардар, да видиме прво тоа како ќе помине“, изјави Стоилов. 

Како да се одјави репрезентативната кариера на играч што 15 години води битки со најсилните момци од противничките тимови? Од каде да се почне? Од времето кога играше плејмејкер? Од она јуниорско СП 2007 година во Охрид? ЕП 2012? Од мундијалот во Шпанија кога македонските новинари низ цела Прес зона го бараа новинарот на германски „Билд“ да му објасниме нешто? Како да се сумира кариерата на балерината со големина на мечка? 

Пред неколку недели, на денот кога Вардар на домашен терен играше со Веспрем, гостин во Скопје ми беше Младен Милетиќ, новинар, уредник во Вечерњи лист, колумнист, меѓудругото и на g-sport.mk и balkan-handball. Семејно дружење, уловивме од малку сонцето низ ЗОО, па на големо задоволство и изненадување на гостинот, продолживме на бургери, таму каде што Булеварот Столе Стоилов се спојува со улицата Столе Стоилов 5. Па десно. 
Зошто го пишувам ова? 
Затоа што Младен Милетиќ во една своја колумна за balkan-handball го има перфектно опишано Стоилов. Со „посебна дозвола“ од авторот, ќе пренесам дел. 

„Во последните десетина година, пред секој натпревар со Македонија не се плашев искрено од Кирил Лазаров , најголемиот ракометар во историјата на својата земја и еден од најголемите европски ракометари. Не се плашев ниту од Миркуловски и Наумче Мојсоски додека се уште играше, иако беа сјајни играчи. Не се плашам ниту сега од младиот Манасков. Најмногу секогаш се плашам... од Стоилов. 
Знам, имало и поголеми пивоти на овие наши простори од тој херој на Вардар, но Стоилов е повеќе од тоа - имаше шут 4/5 и избори три седмерци. 
„Кога Столе претчува низ теренот, салата се тресе. Кога ќе ја забие онаа своа шрауба од зглобот - стаклата пукаат. И кога онака брадест ќе се раздере и крене раце кон распаметените навијачи - децата се расплакуваат. И тогаш, дури и да не те интересира кој ќе победи, почнуваш да навиваш за Македонија„ - Младен Милетиќ. 

Стоилов нема веќе да го гледаме во црвено-жолто, сигурно ќе ни недостасуваат и шраубите и лажните цепелини и оние моменти од кои се расплакуваат децата. 
Но, секогаш кога ќе треба инспирација или сакаме да станеме дел од ракометната историја, знаеме барем едно место Таму каде што Булеварот Стоилов се спојува со улицата Столе Стоилов 5, па одма десно. 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk