Европската ракометна федерација денеска ги објави правилата на игра во одредувањето на носителите пред ждрепката за женското сениорско ЕП што ќе се одржи во Македонија, Словенија и Црна Гора.
Македонија ќе биде сместена во третиот шешир, исто како и репрезентацијата на Словенија. Црна Гора ќе биде во вториот шешир.
Македонија ќе игра во групата „Ц“ во Скопје, Словенија ќе игра во групата „Б“ во Целје, а Црна Гора во групата „Д“ во Подгорица. Во групата „А“ што ќе се игра во Љубљана, ќе игра репрезентацијата на Унгарија, но се уште не е одредено во кој шешир ќе биде оваа репрезентација.
Базирано на пласманот на последното ЕП, тоа што се играше во 2020 и пласманот во квалификациите, ќе бидат одредени и другите шешири.
Норвешка е во шешир 1, а друштво би требало да и прават Франција, Данска и Холандија.
Во вториот шешир би требало да бидат следниве четири репрезентации, Црна Гора, Унгарија, Шведска и Полска. Потоа следат Словенија, Македонија, Германија и веројатно Хрватска која за пласман на ЕП се бори со Украина и тука работите стануваат покомплицирани и со повеќе можни варијанти за конечен пласман и со тоа и место во соодветниот шешир на носители. Шпанија е во овој ред на репрезентации, пласман досега нема обезбедено ниту Романија итн.
Ждрепката ќе се изврши на 28 април со почеток од 17:00 часот, а домаќин ќе биде Љубљана.
Во Скопје ќе се игра групата „Ц“, а потоа и една од двете главни рунди. Првенството, поради фудбалскиот мундијал е поместено од редовниот термин во декември и ќе се игра од 4 до 20 ноември и ќе биде последното со 16 репрезентации. ЕП 2024 ќе се игра со 24 тимови.