Следниот противник на Македонија, репрезентацијата на Чешка одигра два контролни натпревари со Србија во рамките на неделата на ЕХФ. Ова беа први натпревари на Хавиер Сабате како селектор на Чешка и од тактички причини средбите не беа стримувани. На првиот меч минимално победи Србија 24-23, со гол од седмерец во последните секунди, на вториот Чешка славеше 31-26.
Тоа што сакаме да го повлечеме од овие два меча дека, Чешка има делумно реновирана и мнгу опасна репрезентација. Имаме неколкупати играно со нив и како најголеми кошмари ги паметиме голманот Мартин Галија и центарот Андреј Здрахала. По нив следуваа бековите Бабак, Бечвар и Кашпарек, па пикерот Петровски, крилата Чип и Хрстка.
Нема да мора да се мислиме за Здрахала кој во меѓувреме стана претседател на нивната федерација и Галија кој конечно се откажа од играње за репрезентација. Нема да ги мислиме ниту Даниел Кубеш и Јан Филип врз чии тренерски кариери редовно Македонија се појавуваше како финален испит за повисок чин.
Бабак-Бечвар-Кашпарек и натаму се во тимот, но треба сериозно внимание да се посвети на играчите зад нив. Тие ја победија Србија во вториот меч, а веруваме дека досега не сте слушнале за нив.
Матеј Клима (лев бек од Дукла Прага), Јонас Пацел (лев бек од Нордхорн), Томас Пирох (десен бек од Кретеј) и Даниел Режнички (пикер од Плзењ) се квартет што во овој прв момент го одвојуваме од другиот дел на тимот. Но, претстои обемна количина на материјал за собирање и анализи за правење пред да истрчаме на познатиот терен во Злин.