Вардар одново тече кон Веспрем

Со дуелот меѓу Барса и Веспрем, денеска ќе почне комплетирањето на 12 коло и појасно ќе биде на кој противник ќе оди Вардар во елиминациите. 



Со вчерашната победа над ППД Загреб, македонскиот шампион Вардар практично обезбеди пласман во Плеј оф. Најверојатно групната фаза ќе ја заврши на петтото место, но и да биде шести многу малку ќе се промени неговиот пат кон Келн. 

Ако заврши на петтото место, тогаш за противник во Плеј оф ќе го има тимот што ќе заврши на четвртото место во групата „Б“. 
А таму, најсериозен кандидат за таа позиција е Веспрем. Унгарскиот тим во моментов е на третото место со бод повеќе и натпревар повеќе од ПСЖ. Французите имаат меч со Мотор на кој се големи фаворити. 
И распоредот на Веспрем не ветува дека до крајот на групната фаза би можеле подобро од четвртото место. Тие денеска играат против Барса, потоа имаат уште домашен меч со Келце и гостински со ПСЖ.  Денешниот меч (18:45 часот) ќе покаже дали Веспрем или можеби Барса односно ПСЖ ќе се најдат на списокот на противници на Вардар. 
Флензбург од позицијата број 5, теоретски само може да го измеша овој редослед на настани, доколку победи на сите три меча до крајот, а тоа се на гости кај ПСЖ и Барса и дома со Порто. Епилог на кој не би се обложиле. 

Интересна е и што потоа приказната. Победникот од Вардар и Веспрем* ќе оди на дуел со првоплсираниот од групата „А“, а тоа во моментов е Алборг. Сепак, помали шанси им даваме на Данците, а веруваме дека на крајот групата ќе ја освои Кил. 

Ако Вардар не заврши на петтото, туку биде шести во групата, тогаш во Плеј оф ќе игра против третопласираниот од групата „Б“, а тоа ќе бидат Барса или ПСЖ, имајќи предвид дека Келце е топ фаворит за првото место. 
Победникот од тој дуел ќе игра со А2, а тоа ќе бидат - Алборг или Кил, со помали шанси но не и отпишан е и Монпеље. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk