Охрид го доби дербито и сега е на праг на Плеј оф

ОХРИД - Т. ПРОЛЕТ   23-20 (10-10)
Николов 10, Кривокапиќ 4, Манасков 3 - Палевски 6, Голубовиќ 3, Пецаковски 3



Охрид го совлада Тинекс Пролет (23-20) на тежок, тензичен и многу важен натпревар, дуел со сите карактеристики на дерби. Влогот на масата беше Плеј оф, двата тима кажано со термин прославен од партиите покер - „all in“. 

Стартот на натпреварот беше каков што посакуваше скопскиот тим. Носени на крилјата на голманот Јане Цветкоски кој запиша пет одбрани во првите десет минути, Т. Пролет поведе 6-2 и го принуди Раде Стојановиќ, тренерот на охридскиот тим да побара тајм аут. Овде мора да споменеме еден исклучително храбар потег на тренерот на охриѓани, кој реши да го седне на клупа Стефан Додиќ и мечот го доигра без него. Презема голем ризик, на крајот тоа му се врати со победа.

По ова домашните ја стабилизираа одбраната, a T. Пролет почна да покажува знаци на слабост во нападот, па домашните почнаа набрзина да се доближуваат и во следните десет минути средбата веќе беше во егал. Почна да брани и Брауновиќ, во отсуство на Додиќ голема одговорност презема и се разигра десниот бек Филип Николов и мечот доби поинаков тек.
Гостите како и да е, го контролираа водството, иако на крајот на полувремето беше 10-10. 


Две грешки на домашните на стартот на вториот дел, два контра напада за гостите од кои постигнаа два гола и изнудија исклучување му дадоа одново ритам на мечот каков што посакуваше гостинскиот состав. 

Одново Пролет имаше конторла и во игра гол за гол мечот влезе и во последните десет минути. Како минуваше времето, од 45 минута растеше самодовербата и борбеноста кај домашните, додека гостите имаа се помалку добри решенија во нападот и ретко кој преземаше одговорност и иницијатива, па се почесто одеа во пасивна игра нападите. 
Голманот на Пролет, Јане Цветковски им овозоможи на своите со одбранет пенал и водство од 18-17 да нападнат за плус два, но Мице Шилегов имаше свој блесок. Прво пресече топка по што Охрид израмни, а потоа постигна гол за прво водство. 
Кратко потоа заради реакција заработи две минути, а во истиот напад Охрид остана и без уште еден играч, па Пролет со 6 на 4 имаше шанса за кам бек. 
Надежите ги уништи голманот Јагош Брауновиќ кој одбрани седмерец на Палевски. Потоа уште еднаш промашија гостите и Охрид поведе 22-19 што беше премногу за гостите. 

Сега, гледајќи го распоредот, Тиквеш и Охрид се во подобра позиција од Т. Пролет во борбата за двете последни места што водат во Плеј оф. 




 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk