ДРАГАН ЃУКИЌ
Авторот на колумната е master coach на ЕХФ, поранешен селетор на Ц. Гора, Македонија, Израел,
Швајцарија, Јордан и селектор кој ја водеше В. Британија на ОИ Лондон. На клупски план бил тренер на Макаби, Мадеира, Вардар, Пик Сегед, Ц. Звезда, Металопластика ЧСМ Букурешт итн. Во моментов е тренер на унгарската екипа Татабања.
„Сутра ја нови дан“, одѕвонува гласот на Аки низ ноќта. Не е едноставно да се соочиме со фактот дека го нема веќе овој топол човек, загрепчанин од скопско Дебар маало. И сите овие комплицирани денови зад нас веќе утре ќе се растурат ветриштата на заборавот и дека ова ракометно првенство ќе биде баш како во песната на „Парни Ваљак„ - „још едно у низу“, а резултатите, победите, поразите ќе се бројат само во спортските алманаси.
Претходниве денови, на порталите во медиумите, коментарите слушавмо многу што за самото натпреварување. Луѓето од ЕХФ, ни сами не знаат како, но го приведоа кон крајот доделувајќи дури и „дрвени“ медали, за четврто место. Цело време истакнувајќи ја важноста на оние броеви со кои не бомбардираа, убедувајќи не во нивната неопходност и нивното вллијание на конечниот исхот на натпреварите (брзна на шут, висина на доскок, број на пасови и слични најважни неважни податоци), а не дозволувајќи притоа гледачите во арената да се уверат во исправноста на судиските одлуки, од кои некои го решаваа дури и победници.
Но, би јас за тоа, ќе се најде некој повикан да ни протумачи што тоа гледавме, да ја разберме подобро целата логика на нелогичноста.
Да се зборува за првенството и со збор-два да не се спомене какви се проблеми имаат организаторите, тимовите, па и спомнатиот ЕХФ со чумата наречена Ковид 19, 20, 21... не би било ни фер нити во ред.
Но, како што одамна никој веќе не спомнува дека двојното злато во ЛА во дамнешната 1984 е освоено во отсуство на некои од најдобите ракометни тимови во тоа време, така за десетина години ќе се заборави дека тенисерот број 1 не можеше да ја брани својата титула таму во земјата на кенгурите и „демократијата“, а овде дека некои селекции на ова ЕП во недостаток на играчи (голмани) ги користеа тренерите, а други повикуваа играчи што не беа ниту на поширокиот од најшироките списоци.
Овој осврт не оди во тој правец. Би се обрнал внимание на друго, на нешто што доаѓа или веќе е дојдено, ама никој уште не ни јавил.
Секое првенство што доаѓа по Олимписки игри, носи нешто ново. И ова првенство не беше исклучок.
Тие што мислат подалеку, што планираат подобро веќе се во мислите во ОИ Париз 2024.Патот лесен, треба да се биде на следното СП и од таму или директно или во квалификации. Ни збор за ова повеќе, не сакам да ја отворам раната од Гдањск, што никогаш нема да зарасне.
.Патиштата се различни,и кај некои селекции тоа е барање на нови и свежи идеи (заминување на легендарниот Червар и давање на доверба на младиот Хорват, како што направи Хрватска), кај некои е разделба со играчите што беа главен фактор на успех во претходните години и децени (Раул Ентрериос и Шпанија), Кој успеал повеќе, одговорот ќе го добиеме таму на некој 18 август на олимпоскиот стадион во Лил. Затоа не би да толкувам дали е Франција потрошена или не, затоа што по споменатиот Лос Анџелес, дури во Токио имавме двојно злато (мажи-жени), а тоа го стори Франција. Можеме и да претпоставиме кој ќе биде фаворитот на домашен терен во 2024, екипата што има три злата и едно сребто на последните 4 Олимпијади.
Е, тоа драги мои е стратегија, планирање и јасен пат до целта.
ЗА СИСТЕМОТ, ЗА СТРУКАТА:
Селекцијата што најмногу ми се допадна, за жал не играше на финалниот викенд. Но, на радост на сите искрени заљубеници покажа дека системот е поважен од секој поединец.
Водена од исклучителен стручњак во ликот и делото на Гудмундур Гудмундсон, човекот што ја доведе Данска со злато во Рио 2016 односно човекот што го доведе малиот Исланд до финале во Пекинг 2008, репрезентацијата на Исланд играше најквалитетен ракомет, со јасна визија на одбранбените и напаѓачките задачи. Сложна, одлично спремна дружина која докажува и дека не е битно колку е квантитетна базата туку каков квалитет во неа негуваме.
И да не заборавам, дека се работи за една од најквалитетните ракометни тренерски школи, рамо до рамо или многу пред извиканата шпанска и успешната, но затворена и таинствена француска тренерска школа.
Да потсетиме, Германија на ова ЕП ја водеше Алфред Гисласон, творец на најпријатното изненадување, Холандија е Ерлингур Ричардсон, Бахреин во Токио отиде со некој со Халидор Сигфусин, а Австрија во нивниот нај моментум ја водеше Патрекур Јоханесон. Да не заборавиме дека Дагур Сигурдсон на Германија и даде нов живот и злато во 2016, дека кај дамите неуништив и непобедлив е Торир Хергеирсон со Норвешка...
Ајде сега да размислиме колку е (не)важно што на далечниот и мал Исланд, еден македонски тренер (Стевче Алушовски) ги учи тие истите Исланѓани како се игра ракомет.
ТИЕ ШТО ДОАЃААТ
И бегајќи од почетокот, еве ме како стигнувам до крајот. Кон оној по мене најзначаен впечаток од шампионатот, плејада на млади ракометари што го одбележаа првенството.
Да не биде изоставен шампионот се потруди момче чие име пред ова Еп не го знаеја дури ни сите експерти, а да не беше тој немаше да има злато околу вратот на Шведска. Тој имаше 6/6 таа нестварна ноќ против Норвешка во која губеа 19-23 во 55 минута! Нему Глен Солберг му довери да го шутира пеналот во последната секунда. Неговото име е Балтер Кринц и има 21 година.
Матијас Гидсел има 22 години и се појави од никаде на СП во Египет, а сега е незаменлив дел од данската машина, раме до раме со Микел Хансен. Атипичен во се, по ракометно знаење и по нашата претстава како треба да изгледа еден ракометар.
Виктор Халгримсон е уште еден од ол стар тимот од редовите на У21. Овој голман (веќе потпиша за Нант ) ја искористи својата шанса со отсуството на Густафсон, а живото ете му приреди незаборавно патување.
Можеме долго вака, Доминик Мате е далеку најдобриот унгарски игра на овој за нив турнир за заборав, има 22 години и нов член е на ПЖ. Потоа Дилан Наи, Емил Јакобсен...
Како е кај нас? Во средините што ги викаме и уште долго ќе ги викаме свои? Струката ми налага, а и сакам да ја пофалам храброста на некои селектори и да бидам критичен. Ќе бидам гласен, немаме причини да веруваме дека другите се подобри и поталентирани. Се е во тоа да имаме храброст да веруваме во младите и да им дадеме шанса на време.
Финансиски, организациски, според условите каскаме и дури ќе каскаме зад водечките во светскиот ракомет, а самото учество ни станува успех од кој живееме до следното и така во круг.
Како да излеземе од тој круг? Кога децата се порано заминуваа и се помалку се продукт на системот, туку на сопствената посветеност и поддршата од родителите и малубројните клубови (читај тренери) кои ја сфаќаат важноста и деликатноста на оваа тема.
Некој Макуц (Сло), некој Чепич (Ц.Гора), некои Лучин и Мараш (Хрв), Клис и Периќ (БиХ), Борзаш и Николиќ (Срб), некој расЦветан Кузмановски се докази дека ракометот на нашите прстори живее и ќе живее се додека децата ни се такви - најдобри.
А какви сме ние? Тоа треба во одразот во огледалото да е прашаме што можеме да направиме за нив, затоа што тие се утре и тие ни се се!