КОЛУМНА: Заврши најчудното ЕП, што научивме годинава?

Пишува: Ричи Ѓамовски, главен уредник на g-sport.mk

Спуштена е завесата на јубилејното 15 Европско првенство. Откако се заврши, можеме само во една реченица за кажеме и да завршиме со се  - Да не се повтори. 



Европското првенство заврши регуларно. Според правилата и изменетите ковид прописи и протоколи на ЕХФ, или како што изјави претседателот Михаел Видерер - Моравме да се прилагодуваме. 
Од многу други агли погледнато, ништо овде не беше регуларно. Со над 70 ракометари или над 120 вкупно тренери и членови на штабови позитивни, короносани, изолирани...
„За сите беше исто“, изјави во една ситуација Ивано Балиќ и само поради големината на неговото име во ракометниот свет, нема да е изживуваме на ваквата констатација. 

Ништо не беше за сите исто во поглед на значењето, бројката, стратегијата итн. Од пробушените хотелски балони, туристите во костими за капење, заедничките ресторани, па преку заканите за тестовите чии резултати доаѓаа предоцна, до самата бројка на инфицирани.
Сигурно не и беше исто на Германија со 15 позитивни во Главната рунда, ниту пак на малерозниот Исланд кој годинава можеби можеше до медал, или пак само едно единствено име како Каи Смитс за Холандија да тежи повеќе од  дузина заразени во другите тимови. 

Можеби најдобро беше да се одложи, но и оваа приказна има друга страна. Објаснете и сега на Унгарија која потроши милиони за нови сали, кој знае колку пари за прекувремена работа и што уште не, вклучувајќи ја и сета таа мака и нервоза за да ги следи упатствата на ЕХФ за се да биде навреме. За потоа истите тие што ги прогнуваа се да биде навреме, да им кажат дека можело да се одложи за барем шест месеци.
Истото беше во Каиро, истото е и сега. Во суштина ИХФ и ЕХФ не се многу различни. 

Да не биде дека се гледаме низ призма на лошо. Бројните суспензии, односно изолации, доведоа до тоа да видиме голем број на нови имиња на терен со изменети и поважни улоги.
Ги видовме новите атлетски селектирани Исланѓани како ја „мелат“ Франција, го видовме Тофт од Норвешка, Омар Инги Магнусон од Исланд, Бергендал од Шведска, го видовме и полскиот Лук Стеинс односно Пјотр Једрашчук, потоа Радојица Чепиќ, Валтер Кринц и уште дузина други вредни да се споменат имиња

Конечно, видовме и дека екипите што негуваат систем, а тоа се скандинавците и Шпанија, донекаде и Франција се диференцираат, особено во ситуација кога составите се менуваа на дневна база. 
На пиедесталот? Шведска, Шпанија, Данска, плус Франција... ист состав како во 2018, 2021, блиску до 2019 и 2020...Тоа е врвот на европскиот и светскиот ракомет со додавање на Норвешка и Хрватска.
На крајот на денот, видовме многу нови работи, но во суштина се останува исто. 

Македонија заврши со три порази, 22 место. Со оглед на пеховите што не следеа - реален пласман. За многумина неуспех.  Нема место за дискусија, три порази никако не може да бидат успех. Дека се посрамотивме - не би рекле.
Тоа што се очекуваше повеќе, е нереално, не во ситуација кога на ден на првиот натпревар останавме без Кирил Лазаров, потоа и без Стоилов... си ги знаеме маките, да не се навраќаме постојано на истото.
Веројатно многумина нема да се согласат со мене, но со други зборови, може слободно да се прочепка низ досегашните настапи на репрезентацијата и да видиме кого сме победиле на официјален натпревар без Лазаров во тимот. А и без Стоилов и Манасков... 

Разочарувањето главно се должи на несполнетите цели, пласман во вториот круг. Со сегашниот систем на натпреварување, тоа одамна го повторуваме стана и потешко и покомплицирано. Го почувствуваа тоа и посилни од нас како Унгарија, Словенија, Португалија, па и залетаната Србија.
Очекувањата од Македонија беа превисоки, затоа што нашата репрезентација не може да се ослободи од бремето на минатото. Цело време, со години гледаме од каде сме дошле, а не гледаме кои сме во моментов и каде одиме.
Во таква ситуација секој јануари почнуваат споредби со претходните настапи и дискусии од типот дали 1/8 финалето на СП од 2013 е поголем успех од 1/8 финалето во 2015 или пак 1/8 финалето во 2017 е поголем успех. Или дали 11 место на ЕП во 2016 со Обрван е подобро од 11 место на ЕП 2018 со Раул. 
Конкретно за ЕП 2022 реалните очекувања беа да ја совладаме Црна Гора и дека ќе загубиме од Словенија и Данска. И се повредија Лазаров, позитивен беше Стоилов, па толку и од реалните очекувања. Настрана, што, излезе дека петте минути на ова ЕП се за Црна Гора, а не за Македонија или Словенија. Блеснаа Црногорците како што одвреме навреме ќе блеснеше и Македонија и на крајот завршија 11 место, баш како што завршуваше и Македонија и во 2016 и 2018. Заслужија, имаат одлична генерација што се создава и кали низ европските лиги и клубови.
Ние? Тешко дека ќе тргнеме напред се додека минатото не влече за дрес. 

Една од работите што „боде“ очи во критиките и „критиките“ е лошата селекција. Секогаш, кои год играчи да се одбрани ќе има страни и поединци што ќе тврдат дека има лоша селекција. Небаре, ние сме репрезентацијата што дома ги остави Бомбач, Шоштариќ, Габер, Овничек, Гајиќ, Кавтичник... 
За жал, немаме играчи што можат да направат разлика и да потврдат дека е направена лоша селекција.
Мора да се креира поинаков систем за воопшто да бидеме конкурентни во годините што доаѓаат, затоа што ЕП 2022 може и да не биде најлошата епизода. 

Реалноста е непријатна за слушање, но фактите велат дека македонските играчи, освен од оној прв ешалон не се на цена. Ни дома ни во странство. Нема понуди за нив. Погледнете само каде играат и колку играат. 
Или со пример: Летово од Македонија ќе си заминат десетина странци Секели, Периќ, Мараш, веројатно Гаџа, Моралес, Тото, претходно доаѓале и заминувале 50-100 тина...
И сите тие одат некаде да играат за повеќе пари, односно - на подобро. Каде се на оваа листа македонските играчи? И селектираните и не селектираните? 

Сега ни доаѓа дуел со Романија и одново можеме да видиме дека очекувањата се билдаат нереално и дека треба лесно нив да ги победиме затоа што сме ги победиле во 2018, а и Чешка ни е редовен „пациент“, иако загубивме три од последните четири дуели со нив. 
Македонија нема да биде фаворит во однос на Романија, а уште помалку во однос на Чешка. Противниците воопшто не се наивни, а единственото добро што во моментов го гледаме е што, пак, не ги добивме за противник Германија, Исланд, Унгарија или Хрватска. 



 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk