Кога во јуни македонскиот тренер Марјан Колев ќе го комплетира не баш краткиот престој во Ница, на својот наследник Клемен Алкасер, ќе му остави клуб што стабилно без потреси ја завршил сезоната и простор без многу вознемирувачки елементи да ја гради екипата за новата сезона.
Марјан Колев за време на своето работење во француската Ница го одведе клубот до најголемиот успех, вице-првак на Франција во 2019, а потоа по низа кадровски и играчки прегрупирања и кратење на буџетот до рамки на сегашните можности, следеше неминовна слегувачка патека и борба за опстанок во елитата.
Колев во јуни ќе си замине од Ница, тоа е веќе договорено, но годинава неколку месеци пред завршувањето на соработката на клубот му обезбеди мирен финиш на сезоната.
Ница има серија од шест натпревари на кои оствари пет победи и еден нерешен резултат. Веројатно најслатката победа е извојувана над Флери, на натпревар на кој отсуствуваа три позитивни и уште две повредени ракометарки. Оваа победа значи обезбеден опстанок уште пред да дојде февруари, се што натаму ќе се случува е плус, без оптоварување се до пријателската разделба.
Каква ќе биде иднината на Колев? Дури сега откако може резултатски да здивне, попосветено ќе работи на тоа прашање. Вели дека сака добро да размисли и оцени што навистина сака понатаму во животот и кариерата, па потоа ќе донесе одлука.