Стеинс искуба бод за Холандија од Хрватите

ХРВАТСКА - ХОЛАНДИЈА  28-28 (13-15)
Мартиновиќ 12, Шипиќ 8 - Стеинс 6, Јенсен 5



Хрватска и Холандија се збогуваа со ЕП 2022 со меч без победник, драматичен финиш во кој во последните 20 секунди беа постигнати два гола.
Прво, откровението на Хрватска за ова првенство, Тин Лучин погоди по тајм аутот на Хрвоје Хорват за 28-27, а потоа супербрзиот Лук Стеинс се протна „ под мишка“ на Мартиновиќ и излезе сам пред голманот Пешиќ па реализираше за 28-28 на три секунди до крајот. 

Ова беше дуел на две репрезентации што сериозно беа погодени од Ковид во текот на шампионатот. Холандија остана без девет играчи, Хрватска веќе не ни броиме колку имаше повредени и позитивни. Затоа и далеку од нивните реални сили беше оваа средба, но како и на многу мечеви пред овој ЕП стана поле за промоција на нови ракометари, па немавме ништо против да гледаме израмнет и неизвесен меч на сметка на реалниот квалитет на овие две селекции. 

Ниту една репрезентација немаше изразена резултатска предност, а двата тима се менуваа во водство во текот на средбата. Хрватска од почетокот го решеташе холандскиот голман од линијата преки Шипиќ, а потоа се разигра и Иван Мартиновиќ, бекот на Хановер и ја одигра својата најдобра партија за Хрватска досега, со 12 постигнати погодоци. 

Во Холандскиот состав по заслужениот одмор на мечот со Данска, Лук Стеинс ја креираше играта со помош на Бајенс и Шаген, а замената за најдобриот стрлец, Јенсен постигна солидни пет погодоци, иако видливо недостасуваше Каи Смитс во овој состав. 

Хрватска имаше предност во финишот на мечот од два гола разлика, но не беше доволно фокусирана и дозволи Холанѓаните да израмнат, оставајќи им го последниот напад. Лучин погоди, но десет секунди кога го имате Стеинс во тимот се сосема доволни за напад. Епилогот е 28-28, Хрватска на 4 место во групата или во конечниот пласман 7/8 место, Холандија 9/10, а Црна Гора од оваа група ќе биде 11/12 место. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk