Секогаш е посебен моментот кога од од вратот се симнува новинарската акредитација и се пакуваат куферите за назад. Заврши, барем за нас и репрезентацијата на Македонија престојот во Дебрецен, на првенство што нема долго да го паметиме и град што нема да ни недостасува.
Заврши за македонската репрезентација 15. Европско првенство. Завршија празниците, славите вклучително и овие последниве за светите македонски ракометни селектори и уште посвети ракометни стратези, традиционално во јануари. Годинава се славеа само три дена со оглед дека не ја минавме првата рунда, останува уште некоја патерица денеска, утре и потоа можеме мирно да следиме дали Ноле ќе добие дозвола за Ролан Гарос односно Вимблдон.
Искрено не би премногу околу критичарите, особено на социјалните мрежи. Сосема е во ред да е се има, па понекогаш и да се каже мислење, став, па макар бил погрешен. Но, кај нас како и многу други работи изместени се сите морални, етички и најосновни вредности.
Останува само да повторам дека кога зборувате лошо за некого, повеќе кажувате за себе, отколку за тој што е наменето.
Европсково првенство, прво на кое присуствуваме во живо откако почна Ковид ерата, се игра колку ЕХФ да си го задржи јануарскиот термин за ракомет на ТВ, Унгарија да ги покаже новите сали, Словачка да потврди дека нема ништо од ракомениот бум во нивната држава на кој се надеваа кога станаа домаќини.
Гледајќи како од ден на ден се менуваат правила за Ковид, па секојдневните тестови, па позитивни, менување на состави и концепти, ѕвезди што дремат во карантин... Можеби ќе беше поубаво да се одложи за јуни на пример. Ако ништо барем Дебрецен ќе го видевме раззеленет, вака видовме само богзнае колку нијанси на сивилото и од градот и за жал на терен.
Не е битно колку пати ќе паднеш, важно е колку пати ќе станеш. Дебрецен и ова ЕП се пад. Можеме да жалиме или можеме да видиме што не чини да поправиме.
Третото место и пласман во првиот бараж беше желба, но и летвичка превисоко крената. Со Данска во група и систем во кој на крајот на денот се брои гол разлика, со два бода тешко ќе беше до еден бараж, па дури и да победевме. Тоа не е оправдување за играта против Црна Гора, но вакви натпревари сме гледале многу, а ќе гледаме и во иднина.
Чудно или „чудно“ е малку што некако се прескокнува фактот дека прв пат играме без Кирил Лазаров, а покрај него и без Стоилов, Манасков, Маркоски, дека и Миркуловски не е овде за да игра полни 60 минути туку да помогне колку што може.
Ако нешто е јасно по ова ЕП е дека не треба веќе да си препишуваме улога на фаворит и да чекаме победи само затоа што мислиме дека звучиме поракометно од противникот. Или со повеќе почит да гледаме кон тие што се на спротивната страна. Или да не се воодушевуваме секој пат кога ќе слушнеме дека некој наш клуб купил странско засилување.
Ние не бевме фаворити против Црна Гора, имаме подобро организирана репрезентација, подолга традција, но тие имаат попознати и поискусни играчи. Впрочем, видовме како пројде и комплетната и звучна Словенија против нив.
Дури ни во првиот бараж нема да бидеме фаворити против сите екипи, таму има екипи како Швајцарија, Романија што се Тројански коњ каков што беа Црнгороците.
Паднавме, да не кукаме, да станеме, да ја истресеме оваа дебреценската прашина и да видиме што ќе правиме понатаму. Март и првиот бараж се блиску.