ХУНГАРОРИНГ: Холандија да им се удри од глава



Системот по кој се играа ЕП од 2020 ми е една од омилените теми и за пишување и за дискусија. Сметав дека со проширувањето на ЕП кое стапи на сила во 2020 конечно ќе се смириме малку на овие патувања и настапи на репрезентацијата. Дека ќе имаме повеќе победи, поголема еуфорија со тоа и да живне, напредне ракометот кај нас и во оние осум плус држави што немаа шанса претходно да се пласираат на ЕП.




Но, брзо излезе дека никаков Дедо Мраз на дошол од Виена. ЕХФ успеа стручно да го расипе и овој момент. И не само тоа, туку го води ракометот низ нивните темни коридори кон поделба на моќните 12 и 12-те туристи. Исто како што наскоро ќе ја подели и Лигата на шампионите во која нема да има место за Централна и Источна Европа.
Постави систем шест групи со по четири екипи. Само две од секоја група одат во следна рунда. Односно, по три меча, пола репрезентации си одат дома. Најблаго кажано, непочитување на трудот што го вложуваат екипите. 

Денот ми го разубави Холандија која во првото коло ја совлада домашната Унгарија. Од тој момент навивам домашните уште еднаш за загубат и да се разотидат по дома. Не дека имам против Унгарците, туку имам против системов на ЕХФ. 
И така ЕП се игра само во Будимпешта, овие другиве градови се декорација што ќе ја снема од недела. Ако од првенството испадне Унгарија која единствена реално полни сала, ЕП ќе биде блиску до тоа да стане комплетно фијаско.
Со двата домаќини аут по три меча, ЕХФ можеби, можеби конечно ќе види дека овој систем не чини. 
Дека системот четири групи со по шест екипи е многу подобар. 

Иако сметам дека тоа нема да се промени затоа што тие веќе го дадоа ЕП 2026 на три држави (Шведска, Данска, Норвешка) и ЕП 2028 исто така (Шпанија, Португалија, Швајцарија). И супер им се поклопува секоја држава да си организира по две групи.
Тоа што пола екипи спремаат тимови од најмали до најголеми и се радуваат на настап на ЕП што ќе трае три дена, тоа нема да го има завршниот говор на Михаел Видерер кога ќе објаснува колку било успешно организирано првенството. 

Овој систем ме плашеше од почетокот на првенството, уште во Виена пред две години и сега е исто во Дебрецен. Имаме добра екипа, одигравме добар меч, но шансите да одиме во Будимпешта се еднакви со шансите да го победиме уште еднаш светскиот првак Данска. 
Најинтересно ќе биде по првенството кога разно-разни аналитичари ќе се трудат да објаснат дали настапот на Македонија е успешен или не.
Првото коло им ги расипа спремните планови и скроени анализи. Одигравме подобро од очекуваното, одбраната која стручно беше претставена како наша најслаба страна функционираше одлилчно. но ете не освоивме бод. Игравме со противник кој беше за нијанса подобар. 
Денешниот меч со Црна Гора (не-)може да смени многу работи. Тие се подобри индивидуалци, ние сме подобар тим. Победа ни е добродојдена за да се пребројуваме дали ќе бидеме меѓу првите 15. Да видиме што ќе се случи. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk