Лазаров: Словенија има предност, но и ние знаеме што сакаме



Македонската репрезентација денеска ја одржа својата прва пре-конференција од Дебрецен. Како и во осудесет посто од репрезентациите на ова ЕП, првата средба со новинарите беше онлајн. Во живо ќе ги видиме нашите репрезентативци дури утре по натпреварот со Словенија. 

Ковид направи проблеми, измеша планови и концепции, менуваше играчи, а како тоа го доживеа македонскиот тим објасни селекторот Кирил Лазаров. 

„Бевме спремни на такво сценарио бидејќи веќе втора година по ред живееме во такви услови. Едноставно јас се спремив психолошки како да изреагираме ако ни се случат позитивни ковид случаи.
Сигурно не ни е сеедно, но немаме друг избор, тоа е што е, треба да го прифатиме, некои репрезентации имаат поголеми проблеми од нас, треба да се адаптираме и да не губиме енергија на такви работи.
Мислам дека сме добро спремни и треба да го заборавиме тој момент и да се подготвиме за она што не очекува од утре па понатаму“, изјави Лазаров.

Во хотелот во Сегед е прилично хаотично, а меѓу ракометарите се мешаат и обични туристи, нормално без маски и без протокол. Како е во хотелот во Дебрецен, каде што е и Македонија?

„Јас ги прочитав тие информации за Сегед. За разлика од таму, мислам дека ние имаме мир, сами сме во хотелот заедно со Данците и со Словенците. Сите сме во поединечни соби за што подобро да се изолираме и да се заштитиме од коронавирусот“, истакна македонскиот селектор.

 „Словенија е една силна репрезентација, со играчи кои настапуваат во Кил, Барселона, Веспрем... тоа кажува многу. Тие работат квалитетно со врвни тренери низ целата година. Селекторот на Словенија е во една голема предност бидејќи има на располагање комплетни ракометари со кои потоа само работи на детали. 
Што е тоа е, ние сме Македонија, знаеме на што сме и сигурно нема да се предадеме, сигурно нема да излеземе со бело знаме. Ние имаме желба да се пласираме во вториот круг, тоа би бил голем успех за нас со оглед на ждрепката и групата што ја добивме.
Ова е процес на градење на нова, подмладена репрезентација, која ќе ја наследи онаа старата и уште десет години ќе ги брани боите на Македонија. Ние знаеме што сакаме, подготвени сме, но дали тоа ќе биде доволно за триумф над Словенија, тоа ќе го видиме утре на терен “, изјави Лазаров.

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk