Денеска во Љубљана за прв пат во присуство на претседателот на ЕХФ Михаел Видерер се состанаа и претставниците на трите ракометни федерации што ќе го организираат следното Европско сениорско првенство во женска конкуренција.
Домаќини на следното сениорско женско ЕП се Македонија, Словенија и Црна Гора. Шампионатот ќе се одржи од 4 до 20 ноември. На денешната промоција на првенството говореа претставниците на федерациите. Претставник на нашата ракометна федерација беше член на Управниот Одбор Александар Стефанов.
„Голема чест за Македонија е што ќе бидеме домаќини на еден ваков голем настан,затоа што ракометот е спорт број еден во нашата држава. Ова ќе биде втор пат кај нас да се одржува Европско сениорско првенство. Со нетрпение го очекуваме овој предизвик - Ќе бидете добредојдени во ноември во Скопје, изјави Стефанов.
Престедателот на Европската ракометна федерација, Михаел Видерер изрази задоволство што шампионатот ќе се игра во овие три држави:
„Македонија беше домаќин на ЕП во 2008, Словенија организираше машко европско првенство во 2004, а Црна Гора има долга традиција во женскиот ракомет. Сите три држави се покажале како гостопримливи и одлични организатори. Затоа со нетрпение го очекуваме ова првенство“, изјави Видерер.