Пишува: Ричи Ѓамовски, уредник на g-sport.mk
Денеска ја испраќаме 2021 во историја. Што ни донесе годината во која се надевавме дека ќе го победиме Ковид со вакцина и ќе ги вратиме животите во нормала?
Годинава што ги одбројува своите последни часови ни покажа дека нема да има брзо враќање на животот во стариот ритам, а со тоа и на спортот во нормала. Но, првиот, се надеваме најтешкиот чекор е направен, веруваме дека оттука ќе одат на поубаво работите за сите.
Нема да ви го трошиме времето за хронолошки да ви кажеме што било, ќе се осврнеме на неколку поенти што вредат да се запаметат и што од наш агол ја одбележаа 2021.
Будењето на системот е според нас најважното нешто во годинава што изминува. Со задоволство се почесто слушаме како тренери, играчи, клупски челници го користат терминот „систем“. И тоа е нешто. За нас, тоа значи дека излегуваме од лавиринтот на регионални патчиња и сега „возиме“ покрај автопатот. Колку долго ќе возиме така, дали ќе се приклучиме кон автопатот или ќе се вратиме назад низ регионалните и локалните зависи од тоа што ќе се работи.
Доаѓањето на Веселин Вујовиќ и низа познати имиња во Вардар беа дочекани со голема надеж дека се враќаат шампионските денови. „Еуфоријата “ спласна гледајќи ги натпреварите на двократниот првак, а разочарувањето растеше гледајќи ги паралелно натпреварите на некои други екипи како Елверум, Алборг и попознатиот Магдебург како „везат“ на терен.
Се поголем е бројот на навивачи, гледачи што веќе не се воодушевуваат на имиња и на тоа кој каков проектил испалил, каков ролинг или шрауба направил, туку сакаат да видат игра, јасно и резултат. Се покажаа бадијала звучни имиња и на клупа и на терен кога екипа во најголемиот дел од натпреварот игра секој за себе или „два на два“, а многу помалку се вклопуваат во колектив и не се ни блиску до својот максимум.
Оттука и желбата на клупата на Вардар да се врати Дејвис беше далеку на првото место на списокот. Не чекаме инстант резултатско чудо од Шпанецот, но очекуваме да креира подобра игра. Некое звучно име ќе биде додадена вредност, но првенствено од овие играчи, а Вардар ги има и премногу на број да направи колектив и препознатлива игра на терен.
Битола цела сезона се радуваше на победи, но на клучниот натпревар Анте Гаџа им ја украде најпосакуваната победа и сега одново Вардар е во подобра позиција во трката за шампионски пехар. Клубот дојде блиску до максимумот на едно ниво, но ако на пролет не успее да го симне Вардар од тронот, ќе се најде во позиција да бира кој пат да го фати.
На клупски план 2021 беше најтешка за Металург. Некогашниот шампион и трендсетер, сега се бори за гол живот. Најавата е дека ќе ја менува стратегијата и ќе почне реновирање од подрум до кров. Нивните очекувања од 2022 се најголеми, впрочем егзистенцијата на клубот е во прашање.
На репрезентативно ниво, по неубедливиот настап на мундијалот во Египет, селектор на машката репрезентација стана Кирил Лазаров и тоа е за нас ракометниот момент на годината. Лазаров како селектор настапува одлучно и со план. Веќе можеме да препознаеме нов побрз стил на игра, да не кажеме и база за систем во помладите категории. Паралелно е формиран и РК Алкалоид кој под свое ги има најголемиот дел од кадетските/младинските репрезентативци на кои им се овозможени услови за работа, услови кои единствено со тие на Вардар може да се споредуваат. Но, побитно со нив, во негување на новиот стил на игра и стратегија е добро селектиран тим на тренери, предводени од уште една ракометна легенда - Љубомир Савевски.
Овој клуб заедно со Еуофарм Пелистер 2, Голден Арт внесуваат нова филозофија што се надеваме ќе биде следена и од други(те) клубови. Особено кога делот млади ракометари е во прашање.
Кај сениорскиот тим тоа нема да оди така брзо. Системот по кој се игра Европско првенство е погубен за репрезентациите што се надвор од Топ 10. Ставени се во позиција по „лизганицата“ да е качуваат пешки, нагоре. Знаете што во ваков случај значи секоја грешка. Пола од екипите ќе си одат дома по три натпревари. Шансата да се пробиете напред е одново минирана со квалификацискиот систем на ЕХФ. Прост пример, Македонија во квалификациите беше најдобрата втора, или вкупно деветта според резултат, со максимални 10 бода што може второпласирана екипа да освои. Но, во ждрепката беше на последното место во третиот шешир, односно на 24 позиција.
2021 не беше милосрдна во ждрепката и ни ги додели Словенија и Данска од подоброрангираните. Со овој „ксмет“ можеме да се тешиме со нашите соседи од Србија кои ги добија Франција и Хрватска во групата или Чесите кои ќе играат со Шпанија и Шведска.
Сеедно, Лазаров пред себе има мисија да креира тим и систем што по неговото откажување и повлекувањето на Миркуловски ќе може да го задржи континуитетот на националниот тим на настапи на големите натпреварувања.
Влегуваме во период на финална транзиција на тимот, па од ЕП 2022 не очекуваме многу. Но, се надеваме дека ќе бидеме меѓу првите 15 што ќе ни го олесни патот до мундијалот во Шведска и Полска во 2023 година.
Не ги заборавме ниту дамите, Љубомир Савевски има покомплицирана задача со оглед на квалитетот на клубовите во домашниот шампионат, бројот на интернационалки. Но, живнаа младите категории, па успеавме со кадетките да обезбедиме еден пласман, на повисок ранг. Сениорките имаат поинаква мисија, тие ќе бидат домаќини на ЕП следната година, па оттаму ќе почне да се враќа во игра женскиот ракомет.
Подвлечено, 2021 понуди и добри и лоши моменти, најмногу не радува моментот што почнува се почесто од поинаков агол да се гледа ракомет, дека се зборува за систем, се работи на тоа. Тоа ќе ни биде единственото оружје во годините што доаѓаат во кои Лазаров и Миркуловски нема да бидат во дресови на терен. Ако има систем и правилна работа ќе можеме да произведеме играчи и да имаме игра. Спротивно, одново ќе биде купи продај странски играчи, ракометни филозофии од минати времиња и враќање назад во лавиринтот од регионални патчиња.
Драги наши читатели, Ви благодариме што бевме со нас во 2021, вашата поддршка ни значи многу. Продолжуваме натаму заедно, се читаме со убави ракометни вести во новата година.
Среќна Нова 2022!