Европското првенство во ракомет почнува на 12 јануари. Домаќини се Унгарија и Словачка. За разлика од Унгарија каде речиси е се спремно за шампионатот, во Словачка ситуација е поинаква.
Ќе има ли публика на трибините или не? Во Словачка се уште нема одговор на ова прашање. Засега од дневен ред е тргната само дилемата дали воопшто во Словачка и ќе се игра. Да, Словаците ќе бидат домаќини, но како ќе изгледа шампионатот во Братислава и Кошице ќе се знае дури во 2022.
Иако бројките на заразени со Ковид се намалуваат, нема уште многу простор за оптимизам дека ќе има публика. Во опција е и концептот „балон“, по примерите на СП Египет и ОИ Токио. Во секој случај, ЕХФ веројатно ќе организира шампионат што ќе биде со различни правила за групите од Унгарија.
Унгарија, каде што ќе игра и македонската репрезентација, е полиберална по ова прашање. Тие во текот на целата сезона играат во полни сали, па тоа нема да се смени и за време на ЕП, освен ако не дојде до драстична промена на „здравствениот билтен“.