Во Вардар се слави доаѓањето на Дејвис

Новогодишната желба на вардаровите фанови се исполни. Судејќи според коментарите и објавите што можеме да ги видиме. Нов тренер на клубот е Давид Дејвис, шпанскиот стратег што на еден или друг начин е поврзан со најголемите клупски успеси и најубавиот период на клубот. Сега е овде да го врати назад Вардар на патеката по која одеше до 2019.




Давид Дејвис е добро познато име овде, оставил добар впечаток затоа и се „слави“ неговото доаѓање. Коментари со поддршка доаѓаат од сите страни и тоа не прави малку нетрпеливи да ја видиме екипата на дело. Очекуваме Дејвис во Скопје да се претстави во ново, надградено издание со искуство плус од водењето на звучни екипи од типот на Веспрем, Русија... 

Вардар е променет од 2019 година и тоа е факт, па затоа ова доаѓање на Дејвис го гледаме како почеток. Ќе имаме несомнено можност да видиме дали проблемите што се појавија сезонава биле до тренерот, до играчите, до начинот на кој новата управа (читај Михајло Михајловски) ги поставува и води работите заедно со нивните очекувања, а и очекувањата на јавноста и потесниот круг на фанови. 

Од Дејвис во првата полусезона очекуваме, а веруваме дека барем дел од јавноста и навивачите ќе се сложат, да направи стил на игра на Вардар, стил што понатаму може да прерасне во систем. Шпанските тренери се познати по тоа што прават систем, за разлика од најголемиот дел од тренерите од другите држави, а Дејвис не само што израснал низ такви системи, туку имаше можност да биде дел од такво нешто и тоа во Скопје. 

Но, тоа е тешка и макотрпна работа што бара време и зависи од повеќе фактори. Не им успева секогаш, да бидеме реални, можеме да набориме повеќе случаи, вклучително и Раул во ПСЖ, на повеќе шпански тренери (Ортега, Гордо, Кадењас) ширум Европа, па дури и на самиот Дејвис во Веспрем да ја повторат скопската приказна. 
Многу брзо ќе се види по кој правец ќе оди клубот. Лесно е да се препознае кога играта е се подобрува и има континуитет и смисол, а кога е ден на инспирација и (звучен) противник што не форсира многу.

Оттука би рекле дека е погрешно од старт да се постават превисоки резултатски очекувања во ситуација кога доаѓа тренер во тим што има серија од седум порази, составен од 12-13 нови играчи што не биле склопени како треба и согласно тоа не играле како што од нив се очекува(ше). Ќе видиме, можеби дел од нив и навистина треба да се замислат дали можат да играат во Вардар, како што во една ситуација се изјасни претходниот тренер. Но, барем клубот има пол позиција за шампионската титула во домашниот шампионат и тоа би требало да биде доволно за почеток. 

Трпението ќе биде клучната работа. Јасно и резултатски има минимум под кој не смее да се отиде, но креирањето на игра што ќе донесе резултат, а тоа да не е инстант и да трае подолг период е процес. Ако погледнете повнимателно, зад сите успеси што се случиле „преку ноќ“, стои долга работа. 

Можеби на Дејвис ќе му „кликне“ брзо, но можеби ќе му треба и време. Ако паметите и Раул не почна славно, но имаше доверба во него клубот своевремено. А Раул ги имаше Штербик, Циндриќ, Душебаев, Кањељас, Карачиќ, Чупиќ, Абутовиќ... Парондо  ги имаше Криштопанс, Скубе, Карачиќ... а ќе признаете дека не е исто да се креира игра кога во тимот го имате Алекс Душебаев или Криштопанс и кога ќе треба да го направите тоа со Куни Моралес. Без намера да го омаловажиме актуелниот леворак бек на црвено-црните кој без да се штеди си ја одработува работата овде.

Колку помалку пари, толку повеќе време ќе треба за да се воспостави и изгради игра што ќе ги даде посакуваните резултати. И тоа под услов резултатите за соодвествуваат со очекувањата, што кај нас (нај)често не е случај. Не смееме да го прескокнеме фактот дека клубот сега има неколку пати или неколку милиони евра помал буџет од претходно. Предност на Вардар во оваа нова епизода е што Дејвис веќе бил овде, што неговиот асистент Недановски беше овде и е дел од вардаровите успеси, а и да не заборавиме што ги има Тимур Дибиров и Столе Стоилов кои исто така беа важна алка во играта на Вардар под Раул и Парондо. 

Убавата работа во целата оваа нова епизода е што од почеток Дејвис има безусловна поддршка од навивачите, се надеваме и од играчите и од претседателот на клубот. Колку подолго таа поддршка трае, толку се поголеми шансите за подобра игра и подобар резултат. 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk