Поранешниот ракометар на Металург, а сега член на Блинген, Владан Липовина, истури доста масло на запалениот оган меѓу него и селекторот на репрезентацијата Зоран Рогановиќ.
„Приказната“ во јавноста излезе кога селекторот на машката репрезентација на Црна Гора, Зоран Рогановиќ, го објави скратениот список на репрезентативци за настап на ЕП, на кој не беше Владан Липовина.
За црногорските медиуми тоа значеше дека Липовина е „прецртан“. Неколку дена подоцна, преку редовите на „Побједа“, Липовина ја раскажа својата верзија, според која не е тој прецртан од селекторот, туку обратно.
По квалификациите за ЕП на кои Липовина не добил минутажа, телефонски ги 'решавале' несогласувањата, а тоа не бил пријатен разговор.
„Вистината е дека не ме прецрта тој мене, туку јас него“, изјави Липовина за „Побједа.
„Сакаше да ме понижи како играч, што јас го сфатив како голема навреда. Можеби затоа што јас бев единствениот што не аплаудираше кога на тренинг доаѓаше Предраг Бошковиќ*, а селекторот токму тоа го бараше од репрезентативците и тренерите“, изјави Липовина, а додал и дека никогаш во својата кариера не доживеал некој тренер да ги тера играчите да аплаудираат на спортски работник на висока позиција за да си 'договори и обезбеди за себе подобра позиција'.
Црна Гора е противник на Македонија на вториот меч во прелиминарниот дел од првенството 15 јануари). Тие досега одиграа два контролни натпревари на кои ја совладаа селекцијата на Кувајт. Денеска играат трет меч на кој противник им е Косово.
Во јануари, Црна Гора ќе учествува и на турнир во Швајцарија на кој ќе одигра три меча во периодот од седми до деветти јануари со селекциите на Украина, Швајцарија и Португалија.
* Предраг Бошковиќ е поранешен претсдател на Ракометниот сојуз на Црна Гора, моментално потпретседател на ЕХФ и една од највлијателните личности во црногорскиот ракомет.