Вардар слави реми во Битола

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР - ВАРДАР 1961   27-27 (13-17)
Мандалиниќ 7, Обрадовиќ 6, Периќ 5 - Гаџа 8, Тото 6, Талески 5




E. Пелистер и Вардар одиграа нерешено во Битола, а тоа е резултат што му одговара на Вардар. Скопскиот тим ќе заврши на првото место на табелата порaди подобар меѓусебен скор и ќе пренесе шест бода во Плеј оф. 

Вардар го контролираше првиот дел од натпреварот во Битола. Домашниот состав одигра во грч 30 минути и не беше на нивото на натпреварите што ги играше во Европската лига.
Одбраната на домашниот состав не функционираше, а Вардар играше паметно во напад. 
Резултатски во првите пет минути се играше гол за гол, потоа Вардар успеа да зголеми на плус два прв пат во 10 минута (9-7), а пет минути подоцна почна сериозно да се одлепува.
Домашниот состав почна да ја губи самодовербата , а резултатот да расте во полза на противникот. Вардар зголеми на 14-10, потоа на 15-11, па додаде и гол плус за 17-12 и напад во последната минута, но не успеа Талески да го постигне својот четврти гол, па Обрадовиќ во контра напад ги постави конечните 13-17 по 30 минути игра.

Е. Пелистер почна многу похрабро во продолжението. Летаа на крилјата на публиката домашните и постигнаа три гола во серија со што мечот одново стана резултатски интересен. Битолчани намалија на 15-17 и 17-19, но Вардар брзо се враќаше и во 42 минута одново имаше плус 4 (22-18, 25-21).

На нешто повеќе од седум минути до крајот беше 23-25 и победникот не беше одлучен. Вардар импровизираше со Дарко Ѓукиќ како десен бек и тоа им се врати со лошо, па Периќ погоди за 24-25, а потоа Граџан на две минути до крајот израмни на 26-26. По ова и голманот Секели имаше две одбрани по ред, па пенал доби Пелистер што Мандалиниќ го претвори во погодок за 27-26.
Пелистер успешно се одбрани во последната минута и само што тргнаа во напад во последните 30 секунди, Гаџа успеа да им ја украде топката, односно да го пресече додавањето на Мандаллиниќ кон Велковски. Вардар во контра напад изнуди исклучување, а по прекинот, на десет секунди до крајот, Гаџа влезе во продор и изнуди пенал.

Очи во очи Дибиров и Секели, раката на Русинот не затрепери и мечот заврши без победник. Најоспоруваните играчи на Вардар, Анте Гаџа и Филип Талески денеска беа најдобрите вардарови поединци, заедно со Жереми Тото.
Во тимот на Еурофарм, Периќ би го издвоиле, Граџан стандардно добар, Обрадовиќ најдобро за Пелистер досега. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk