Кому златниот бод, на Е. Пелистер или Вардар?

Денеска во Битола (18:00ч) се среќаваат Еурофарм Пелистер и Вардар, меч што може да одигра клучна улога во натамошната битка за шампионската титула.



Кој ќе ја добие пол позицијата во трката за шампионскиот пехар? Еурофарм Пелистер и Вардар 1961 попладнево играат за „златниот“ бод што во Плеј оф значи дека со само една победа над директниот ривал, во ситуација кога очекуваме двата единствени претенденти за пехарот да ги победат сите други противници, ќе се стана државен шампион. 

Турбулентно беше во Вардар во пресрет на ова гостување. Последен пат од Битола си замина поразен и тоа од Е. Пелистер 2, потоа нанижа и седум порази во ЛШ и на крајот беше сменет од тренерската позиција човекот што е клупска легенда - Веселин Вујовиќ. 
Тоа не значи дека ќе биде полошо, напротив, смената е направена за да биде подобро. Вечерва ќе видиме дали потегот бил оправдан, дали ваквиот ризик ќе се исплати. 

Е. Пелистер беше во прилично слична ситуација на почетокот на сезоната кога францускиот Ним се прошета низ Битола, а по првото полувреме во Швајцарија статусот на Бабиќ беше сериозно раздрман. Но, кликна Е. Пелистер од тој момент и игра се подобро и подобро и направи рекордна низа на натпревари без пораз во Европската лига. Бабиќ си обезбеди мир, порасна довербата во тоа што го работи, но вечерва доаѓа најтешкиот и најважниот тест. 
Големи се очекувањата на битолчани за вечерашната пресметка, но голема грешка би било да се потцени Вардар. Особено сега кога играчите мора да се докажуваат, затоа што веќе нема кој да ја преземе вината. Ако проблемот беше во тренерот, ќе се покаже вечерва. 

Амбиентот во Битола е каков што не бил со години. Многу време помина откако Е, Пелистер имаше вистинска шанса да стане шампион. Билетите се распродадени за рекордно време, на трибините ќе има „Чкембари“, а најавено е дека доаѓаат и „Комити“.
На теренот ќе летаат искри, од трибините ќе летаат плишани мечиња. Убав гест својствен првенствено за хокеарските натпревари, поретко и на фудбалски, а за прв пат на голем меч и во Македонија. 

Притисокот е голем врз двата тима, иако олеснителна околност за поразениот е што нема се да биде загубено. На пролет следат нови две пресметки, но победата вечерва, рековме, носи златен бод. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk