Крај на СП за светскиот првак

Норвешка ја совлада Холандија (37-34) и ја елиминираше од трката за 1/4 финалето. Во следната рунда, патуваат Норвешка и Шведска.



Норвешка и Шведска е во 1/4 финалето на СП, елиминиран е актуелниот светски првак Холандија. 

Ќе имаат што да размислуваат и анализираат Холанѓанките додека си ги пакуваат куферите и резервираат лет за дома. На мечот што беше “ се или ништо“, против Норвешка, бранителот на трофеојт Холандија стартуваше страотно. Поведе со 8-4, 10-5, 12-6... и имаа во овој период неколку пресечени топки и контра напад зицер за гол и не ги реализираа.
Тоа се  грешки што не смеат да се направат против Норвешка. Можеби можеа во тој период да стигнат и до двоцифрена разлика, за што имаа реални шанси, но ја разбранија Сије Солберг. Норвешка се стабилизираше, почна да наметнува свој ритам и намали на пет, па на три...А кога Норвешка е во нагорна, а противникот во надолна линија исходот е предвидлив.
Холандија некако успеа да искубе реми до полувремето, но во вториот дел доминираше Норвешка. Стигнаа до плус четири (24-20), а потоа почна шоуто, односно стрелбата. Се разгоре битката, се разиграа и двата тима. 

Треба да напоменеме дека постоеше и резултат што им одговараше на двата тима за пласман во 1/4 финалето, а тоа беше нерешено, но под услов да бидат постигнати најмалку 32 гола. 

Се помалку функционираа одбраните на двата тима. Во овој период ниту Солберг, а ниту голманката на Холандија, Вестер можеа да ги запрат топките што одеа во нивниот гол. Акциите беа брзи, бековите наоѓаа простор за шут и се редеа гол за гол. Имаше потенцијал да гледаме голема драма, а сигурно не им беше сеедно ниту на Швеѓанките кога резултатот премина 32 гола. 

Норвешка имаше плус два, Холандија намалуваше на еден, тоа беше движењето на резултатот во критичниот период. Без грешка погодуваа повеќе од десет минути двата тима, а средбата се прекрши кога прва „киксна“ Холандија. Левиот бек Смит имаше доста простор, но со несигурен лоб ја погоди пречката при резултат 34-36 на две минути до крајот.
Не беше крај, тоа пак беше вовед во серија на промашувања. Норвешка имаше шанса да стави точка, но Нора Морк промаши пенал.
Последната шанса да го одведе мечот кон спасоносно реми пропушти Малестин која шутираше во голманот Солберг. Веднаш потоа Норвешка прокоцка уште еден напад. Смит пресече топка во додавањата и сама истрча во контра напад, но кога не оди - не оди - погоди во стативата. 
На крајот во листата на стрелци се запиша и голманката Солберг која потоа и погоди на празен гол и го постави конечниот резултат 37-34. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk